Но токму нивната популарност создава опасен паралелен пазар: експлозивен раст на фалсификувани, неиспитани и често опасни препарати.
Според пишувањето на Дојче веле, само во САД 12 проценти од населението изјавиле дека во последната година користеле инјекции за слабеење повеќе од двојно во однос на почетокот на 2024 година. Во Велика Британија, 21 процент од граѓаните барем еднаш се обиделе да набават вакви лекови преку интернет или директно во аптека. Во Германија, исто така, граѓаните се подготвени сами да ја покријат терапијата, без оглед на цената.
Силната побарувачка ја охрабрува и трговијата со нелегални лекови. Европската агенција за лекови во септември предупреди дека драматично расте онлајн продажбата на фалсификувани препарати, меѓу кои и лажни верзии на ретатрутуд, лек кој сè уште е во клинички испитувања. Интерпол јавува дека лековите за слабеење сочинуваат сè поголем дел од глобалните заплени на неовластени препарати. Британските власти во октомври 2025 година ја регистрираа најголемата заплена досега, илјадници нелегални инјекции вредни 250.000 фунти.
Експертите укажуваат дека главната причина за наглиот раст на фалсификати е комбинацијата од голема побарувачка, ограничена понуда и високи цени. „Толку многу се зборува за овие лекови што јавноста почнува да ги гледа како производ за стил на живот, а не како строго регулирана терапија“, вели Оксана Пизик, професорка по фармација на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
GLP-1 лековите – меѓу кои Вегови/Оземпик (семаглутид), Зепбаунд/Моунџаро (тирзепатид) и Саксeнда (лираглутид) – го имитираат хормонот кој го намалува апетитот и го забавува варењето. Овие лекови се препишуваат само на пациенти со висок индекс на телесна маса. Но во САД нивната цена достигнува над 1.000 долари месечно, што ги турка корисниците кон ризични алтернативи.
Нелегалните препарати носат бројни опасности: неефикасни формулации, контаминација со штетни супстанци, неисправни игли, какофонични дози и силни несакани реакции. Во Велика Британија, една жена почина по примање на лажно означен семаглутид во козметички салон. Во Русија, корисници на лекот „Molecule“, промовиран на интернет, пријавија сериозни симптоми; анализите покажале присуство на sibutramine – супстанца забранета во ЕУ, Велика Британија и САД поради зголемен ризик од срцев и мозочен удар.
Проблемот не е ограничен само на нелегални дилери. Лажни лекови понекогаш завршуваат и во легални аптеки, особено во земји со пониски приходи, но инциденти се забележани и во богатите држави. „Фармацевтите мора да проверат кој им ги продава производите“, предупредува Шабир Сафдар од „Partnership for Safe Medicines“, посочувајќи случај во кој аптека купила употребени инјекции Саксeнда, препакувани и продадени како Озeмпик.
Стручњаците препорачуваат внимателност при онлајн купување: веб-страници што не бараат здравствени информации, не инсистираат на рецепт, пакувања со правописни грешки или раствори кои изгледаат заматено – сето тоа се сериозни аларми.
Додека социјалните мрежи како TikTok, Facebook и Telegram ја поттикнуваат продажбата на лекови без рецепт, експертите потсетуваат дека терапијата за слабеење треба секогаш да се спроведува под медицински надзор, во комбинација со физичка активност и здрави навики. Во спротивно, корисниците може да се соочат со трајни и опасни последици по здравјето.
Извор: N1info.rs
