Рекорден резултат на крајно десната партија Алтернатива за Германија (AfD) на парламентарните избори во недела е продолжување на успонот на радикалната, националистичка или екстремна десница во последните години во Европа.
Италија и Унгарија
Во Италија, Џорџа Мелони, чија тврда популистичка партија „Браќа на Италија“ оствари историска победа на парламентарните избори во 2022 година, ја води владата во коалиција со уште една крајно десна партија – Лигата на Матео Салвини и конзервативната партија Форца Италија. Мелони беше единствениот европски лидер што присуствуваше на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари.
Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година, повторно беше избран во април 2022 година за четврти последователен мандат, по доминантна победа на неговата партија Фидес на парламентарните избори. Во владеачката коалиција е и демохристијанската партија KDNP.
Орбан се подготвува за парламентарни избори на пролет 2026, на кои ќе го предизвика поранешниот државен службеник Петер Маѓар од партијата Тиса.
Други коалициски влади
Во Холандија, лидерот на крајната десница Герт Вилдерс, чии што Слободари (PVV) победија на парламентарните избори во ноември 2023, потпиша коалициски договор со три десничарски партии во мај 2024. Тој мораше да се откаже од амбициите да стане премиер, бидејќи некои партии заканија дека ќе се дистанцираат од него поради неговите познати анти-исламски и евроскептични позиции. Бившиот шеф на разузнавачката служба Дик Шоф стана премиер.
Во Словачка, националистичкиот премиер Роберт Фицо (партија Смер) се врати на власт во октомври 2023. Фицо е меѓу ретките лидери на Европската Унија блиски до Кремљ, а се здружи со центристичката партија Хлас и крајно десничарската партија SNS.
Во Финска, крајно десничарската партија на Финска, која го освои второто место на парламентарните избори во април 2023, е дел од владеачката коалиција што ја формираше конзервативецот Петери Орпо, чии што Национални коалициски десничари победија на изборите.
Крајно десната партија Шведски демократи (SD), втора на парламентарните избори во 2022, нема претставници во шведската влада, но е тесно вклучена во нејзините одлуки. Лидерот на конзервативците Улф Кристерсон стана премиер, формирајќи мнозински блок со поддршка од SD, на основа на коалицискиот програм што вклучува значително намалување на имиграцијата.
Изборни успеси
Екстремната десница беше на прагот на власт и во други земји.
По историската победа на парламентарните избори во септември 2024, австриската Слободарска партија (FPÖ), која ја основале поранешни нацисти и сега ја води Херберт Кикл, започна преговори за формирање влада со конзервативниот ÖVP. Но, тие преговори пропаднаа, особено поради тоа што крајната десница сакаше да ја наведе земјата во евроскептицизам. ÖVP и FPÖ веќе ги обединиле силите за да управуваат со пет од девет австриски региони.
Во Франција, републиканскиот фронт што беше формиран за изборите во летото 2024 го спречи Националното собирање (RN) да дојде на власт. Но, таа крајно десна партија, чија што лидерка Марин Ле Пен беше противник на Емануел Макрон на последните два претседателски избори, денес е релативно водечка партија во Националното собрание.
Во Германија, AfD со поддршка на соработниците на Доналд Трамп го удвои резултатот на парламентарните избори во недела и со 20,8% поддршка се постави зад демохристијаните предводени од Фридрих Мерк.
Во Белгија, крајно десната партија Фламански интерес (VB) водеше според анкетите во Фландрија, најнаселениот регион, пред парламентарните избори во јуни 2024. N-VA, партијата на актуелниот премиер Барт Де Вевера, на крајот го задржа своето водство. Но, VB ги подобри своите резултати и во фламанскиот парламент со 31 од 124 места и во федералниот парламент, каде што ја формира најголемата опозициска групација со 20 пратеници.
Во Португалија, крајно десната партија Чега (Доста) го зајакна својот статус на трета политичка сила во земјата, со освоени 18,1% од гласовите на парламентарните избори во март 2024.
На парламентарните избори во Обединетото Кралство во јули 2024, на кои Лабуристичката партија на Кир Стармер дојде на власт по 14 години на конзервативна влада, анти-имигрантската Реформистичка партија на Најџел Фараж освои околу 14% од гласовите и влезе во парламентот со пет места.
Извор N1