Како што укажуваат активистите за човекови права, кога мнозинството од лекарите и медицинските сестри одбиваат да учествуваат во постапки поврзани со прекин на бременост, без институционални механизми што ќе ја обезбедат континуираната достапност на услугата, правото на жените да изберат станува практично неостварливо.
„Приговорот на совеста не смее да биде средство за ускратување на основни човекови права. Жените во Хрватска формално имаат право на легален абортус, но во реалноста тоа право е често само на хартија“, велат од организацијата My Voice, My Choice, која се бори за безбеден и достапен абортус низ целата Европска Унија.
Од организацијата потсетуваат дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширока појава во која здравствените установи не обезбедуваат доволно кадар што ќе може да ја спроведе услугата во согласност со законот. Како резултат, жените се принудени да патуваат во други градови или дури во други земји за да остварат право кое им припаѓа според закон.
„Кога здравствениот систем дозволува индивидуални уверувања да стојат над законските обврски, тогаш не станува збор само за морална дилема, туку за институционален неуспех“, додаваат од My Voice, My Choice, повикувајќи ги европските институции да обезбедат механизми за заштита на репродуктивните права на жените во рамките на ЕУ.
Организацијата нагласува дека борбата за безбеден, легален и достапен абортус е борба за еднаквост, достоинство и почитување на основните човекови права – вредности кои треба да бидат темел на секоја демократска држава.