Привремено прекинат штрајкот во музејот Лувр

Вработените одлучија да го отворат музејот за посетители, но барањата за плати и услови за работа остануваат
Photo: EPA

Вработените во музејот Лувр во Париз одлучија привремено да го прекинат штрајкот што го започнаа поради незадоволство од платите и условите за работа, иако, како што соопштија синдикатите, нивните барања и понатаму остануваат на сила.

Одлуката беше донесена на главното собрание на вработените, одржано денеска, каде што едногласно беше изгласано штрајкот да се паузира, со цел да се овозможи повторно отворање на музејот и прием на посетители. Ова го соопшти синдикатот CFDT-Culture, кој учествува во организирањето на протестот.

Лувр, еден од најпосетуваните музеи во светот, во понеделникот беше целосно затворен поради штрајкот на персоналот. Делумно повторно беше отворен од средата, додека вторник е редовен ден кога музејот ионака не работи.

И покрај привременото смирување на состојбата, синдикатите јавно изразија незадоволство од, како што наведуваат, недостатокот на конкретни одговори од раководството во врска со безбедносниот план за музејот и долгорочната иднина на институцијата. Според нив, Лувр се соочува со влошување на инфраструктурата и условите за работа, што директно влијае врз вработените и функционирањето на музејот.

Дополнително, од синдикатите посочија дека се разочарани од тоа што директорката на музејот досега не остварила средба со персоналот, ниту пак дала јавна изјава за актуелната состојба и барањата на вработените.

Сепак, притисокот врз раководството не е прекинат. Нов состанок меѓу синдикатите и управата е закажан за 5 јануари, а доколку до тогаш не бидат добиени очекуваните одговори и конкретни мерки, вработените најавуваат дека повторно ќе ги разгледаат формите на протест.

Случајот повторно го отвори прашањето за состојбата со работните услови во големите културни институции во Европа, особено во услови на зголемен број посетители и недоволни инвестиции во одржување и безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни