Приведени тројца по упадот на „Денови на српската култура“ во Сплит

Сплитската полиција приведе тројца мажи поради вчерашниот инцидент во кој група од околу сто маскирани лица упадна на манифестацијата Денови на српската култура во Сплит и го прекина настанот.

Според информациите, полицијата спроведува криминалистичка истрага поради нарушување на јавниот ред и мир и спречување на одржувањето на културната манифестација што се одвивала во просториите на месниот одбор Блатине-Шкрапе.

Во соопштението на полицијата се наведува дека „едно лице е уапсено и се води истрага поради сомнение за извршување на кривично дело кое се гони по службена должност“, а дополнително уште две лица се задржани во полициска станица и се поврзуваат со случајот.

Според весникот Слободна Далмација, меѓу приведените се лица на возраст од 59, 54 и 43 години, а еден од нив е Крешо Батурина, поранешен член на резервниот состав на специјалната полиција и истакнат припадник на „постарата Торцида“, некогашен претседател на навивачкиот клуб „Торцида-Сућидар“. На една од снимките од нападот тој е забележан како ѕирка во просторијата каде што се одржувала манифестацијата.

Сведоштва за настанот упатуваат дека групата ја предводеле неколку постари лица, додека повеќето од учесниците биле млади мажи во црна облека.

Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека станува збор за кривично дело, а не за прекршок, и најави дека очекува брзи санкции за сторителите.

Културната манифестација беше прекината, а учесниците — меѓу кои и фолклорна група од Нови Сад — биле евакуирани и подоцна згрижени од полицијата. Истрагата продолжува.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни