Француската полиција приведе околу 40 лица поради организирање непријавен огномет во близина на Ајфелова кула, на плоштадот Трокадеро, пренесуваат француските медиуми.
Според соопштението на Париска полициска префектура, инцидентот се случил синоќа околу 21 часот, по што полицијата веднаш интервенирала. Приведени биле околу 40 лица, а во настанот нема повредени.
Весникот Le Figaro наведува дека е отворена истрага и дека постојат сомнежи оти организаторите се навивачи на парискиот фудбалски клуб Пари Сен Жермен.
Ова е втор случај на непријавен огномет во истиот дел од градот во текот на декември. Претходно, на 13 декември, инфлуенсерот Лорис Џулијано организираше огномет во близина на Трокадеро како дел од промоција на свој документарен филм.
И во тој случај беше покрената истрага за „загрозување на други лица и намерно кршење на обврската за обезбедување безбедност на јавно место“. На социјалните мрежи во меѓувреме кружат фотографии и видеа од двата инцидента.
Француските власти повторно апелираат дека секој огномет во јавен простор мора да биде однапред пријавен и одобрен, особено во чувствителни и туристички локации како центарот на Париз.
