Полицијата на Хонг Конг денеска соопшти дека 15 лица се приведени под сомнение за убиство од небрежност во врска со разорниот пожар што го зафати станбениот комплекс Ванг Фук Корт во населбата Таи По. Според властите, истрагата продолжува и се очекуваат дополнителни апсења.
Меѓу приведените има 14 мажи и една жена, на возраст од 40 до 77 години. Сите се поврзани со компанијата за одржување и инженерство која била задолжена за техничките системи и инфраструктурата во зафатениот комплекс, пренесе агенцијата Синхуа.
До 16 часот по локално време, пожарот одзеде 156 животи, а приближно 30 лица сè уште се водат за исчезнати, соопштија локалните власти. Полицијата информираше дека се пронајдени уште пет тела, со што бројот на потврдените жртви се искачи од 151 на 156. Од нив, 127 лица се веќе идентификувани, се наведува на официјалниот портал на полицијата на Хонг Конг.
Овој трагичен настан претставува еден од најтешките пожари во Хонг Конг во изминатите децении, а истрагата ќе утврдува дали несоодветното одржување и пропустите во безбедносните стандарди придонеле кон големиот број жртви.
