Приведен новинар на Deutsche Welle во Турција

Од Deutsche Welle соопштија дека новинарот бил уапсен пред членовите на неговото семејство.

Турските власти го привеле во Анкара истражувачкиот новинар Аликан Улудaг, долгогодишен дописник на германскиот меѓународен медиум Deutsche Welle (ДВ), под обвинение за „ширење обманувачки информации“ и „навреда на претседателот“, јавува Reuters.

Според соопштението на Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул, истрагата е покрената по службена должност врз основа на негови објави на социјалната мрежа Икс. Улудaг бил приведен во Анкара, а потоа префрлен во Истанбул каде што треба да биде сослушан од обвинител.

Од Deutsche Welle соопштија дека новинарот бил уапсен пред членовите на неговото семејство. Според нивните информации, околу 30 полицајци учествувале во акцијата, при што бил извршен претрес на неговиот дом и одземена информатичка опрема.

Обвиненијата, како што наведува ДВ, се однесуваат на објава на Икс од пред околу година и пол, во која тој ги критикувал мерките на турската влада, тврдејќи дека довеле до ослободување осомничени припадници на Исламска држава, како и изнесувајќи наводи за корупција.

Директорката на ДВ, Барбара Мазинг, ги оцени обвиненијата како неосновани и побара итно ослободување на новинарот, наведувајќи дека апсењето претставува „намерен чин на заплашување“ и показател за притисоците врз слободата на медиумите во Турција.

Меѓународни организации за слобода на медиуми, меѓу кои и Reporteri bez granica, го осудија приведувањето, оценувајќи дека станува збор за дел од поширок процес на судско вознемирување на независни новинари во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни