Градоначалникот на Истанбул, лидерот на опозицијата, Екрем Имамоглу, кој е и главен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, денеска е осуден на една година и осум месеци затвор.
Се очекува Имамоглу, кој е во затвор од 23 март, да поднесе жалба на изречената пресуда бидејќи наводно навредил и се заканил на јавен службеник, додека против него се водат неколку други судски постапки.
Имамоглу беше уапсен и сега осуден затоа што на 20 јануари го критикуваше главниот јавен обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, велејќи дека тој ја таргетира опозицијата преку политички мотивирани истраги.
Судот го осуди Имамоглу за навреда и закана кон Гурлек, но го ослободи од обвинението за „намера да го направи мета“.
Имамоглу, кој се смета за главен противник на владата на Ердоган, ги негираше сите обвинувања.
Тој беше уапсен заедно со други политичари од главната опозициска Републиканска народна партија, ЦХП, како дел од истрагата за наводна корупција. Неговото апсење ги предизвика најголемите улични протести во Турција во последните повеќе од една деценија. И покрај тоа што беше зад решетки, тој беше официјално номиниран за кандидат на ЦХП на претседателските избори, кои треба да се одржат најдоцна до 2028 година.
По Имамоглу, десетици функционери од општини управувани од опозициската ЦХП беа уапсени за наводно местење тендери и поткуп.
Апсењата предизвикаа жестоки критики од опозициските лидери, кои тврдат дека обвиненијата се политички мотивирани.