Швајцарските власти одредија притвор за Жак Морети, сувласник на барот „Le Konstelasion“ во Кран-Монтана, каде што во новогодишната ноќ животот го загубија 40 лица, а 116 беа повредени. Како причина за мерката, Јавното обвинителство го наведе ризикот од бегство.
Според швајцарските медиуми, притвор е одреден и за менаџерот на барот. Жак Морети и неговата сопруга Џесика Морети, кои се сопственици на објектот, за првпат денеска се појавија пред истражен судија во градот Сион, каде што беа сослушани како осомничени за трагичниот пожар што се случи на 1 јануари.
Тие се товарат за убиство од небрежност, предизвикување пожар и нанесување телесни повреди поради небрежно постапување. Сослушувањето се одржа во ден кога Швајцарија прогласи национален ден на жалост, а Моретиеви во судот пристигнаа со придружба на три адвокати, без да даваат изјави за медиумите.
Во јавноста изминатите денови растеше незадоволство поради тоа што сопствениците на барот беа на слобода, и покрај обемот на трагедијата. Претходно, тие изразија сочувство до семејствата на жртвите и ветија целосна соработка со истражните органи.
Според наводите од истрагата и сведочењата, пожарот најверојатно избувнал откако прскалките запалиле пенеста звучна изолација на таванот во подрумскиот дел каде што се наоѓал барот. Повеќе од половина од загинатите биле тинејџери, а меѓу жртвите има државјани на Швајцарија, Франција и Италија, како и лица со двојно државјанство.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони побара строги казни за одговорните и најави можност за забрана на употреба на одредени типови прскалки во затворени простории во Италија. Таа изјави дека италијанската влада ќе им помогне на семејствата на жртвите во потрагата по правда.
Локалните власти во Швајцарија признаа дека објектот претходно неколкупати не ги поминал безбедносните контроли. Во Кран-Монтана граѓаните оставаат цвеќе, пораки и играчки во спомен на загинатите, додека дел од продавниците привремено се затворени. На комеморацијата во блискиот Мартинји присуствуваат и претседателите на Франција и Италија.
