САД повторно ја разгледуваат можноста за повлекување на дел од своите војници од Германија, во обид да извршат притисок врз европските сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана.
Според извори блиски до администрацијата на Доналд Трамп, незадоволството од нивото на европските издвојувања за одбрана е „реално и растечко“.
Во моментот, членките на НАТО издвојуваат најмалку 2 проценти од својот бруто-домашен производ за одбрана, цел поставена уште во 2014 година.
Сепак, се најавува нов праг од 5 проценти, што значително би ги зголемило обврските на земјите членки.
Извори од администрацијата посочуваат дека државите кои не ги исполнуваат овие критериуми не треба да имаат влијание врз идните одлуки за трошоците во рамки на Алијансата.
Медиумите претходно објавија дека се разгледувала опција за повлекување на околу 35.000 американски војници од Германија.
Ваков потег би можел дополнително да ги заостри односите меѓу САД и Европа, особено во време на зголемени геополитички тензии.
Прашањето за воените трошоци и улогата на НАТО останува клучна тема во односите меѓу трансатлантските партнери.