Волонтерите беа пречекани на аеродромот од страна на директорот на Мировен корпус во Северна Македонија, Дејвид Рисајд, како и дел од вработените.
„Мировниот корпус го поздравува пристигнувањето на 38 Американци во државата кои ја претставуваат 27-та група волонтери на Мировниот корпус која ќе служи во Северна Македонија. Овие 38 Американци ќе бидат распределени да живеат и работат во различни заедници низ целата земја. Мировниот корпус е благодарен за соработката со Владата и нашите партнери, со која успеавме да поддржиме речиси 900 волонтери да служат овде од 1996 година па сѐ до денес“, вели Директорот на Мировен корпус, Дејвид Рисајд.
За време на нивниот двегодишен престој во Северна Македонија, волонтерите ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во полето на развој на заедницата – во невладините организации и општините. Мировниот корпус има одлична соработка со своите локални и национални партнери и ги спроведува своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука и Министерството за локална самоуправа.
Ова е 27-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Северна Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе jа запознаат македонската култура. Својата служба во земјата ќе ја започнат официјално во декември.