Во пресрет на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост – денес во Центарот за социјални претпријатија во Скопје се одржа настан посветен на спроведувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Настанот беше организиран од Народниот правобранител и ХЕРА, како дел од Националниот механизам за мониторинг, со заедничка порака: правата мора да бидат достапни за сите, без исклучок.
Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник од Тимот за мониторинг на Конвенцијата при Народниот правобранител, потсети дека уште со ратификацијата на Конвенцијата во 2011 година државата презеде обврска да обезбеди еднаков пристап и целосно уживање на човековите права за лицата со попреченост. Но, како што истакна таа, „и покрај меѓународните стандарди, многу лица со попреченост сè уште се соочуваат со дискриминација, стигма, изолација и ограничен пристап до јавни добра, здравство, образование и услуги во заедницата“.
Бајрамовска Мустафа посочи дека иако законските решенија се донесени, практичната имплементација останува недоследна. „Потребни се уште многу напори за да можеме нашето општество навистина да го наречеме фер и инклузивно“, нагласи таа, додавајќи дека учеството на самите лица со попреченост е клучно во процесот на следење и унапредување на правата.
Од ХЕРА, програмската раководителка Весна Матевска порача дека човековите права не смеат да зависат од добра волја, познанство или административна среќа. Таа потсети дека во периодот на кампањата „16 дена активизам“ е особено важно да се обезбеди пристапност на специјализираните сервиси за поддршка на жртви на семејно и родово насилство, како и на центрите за социјална работа и полицијата. „Промената почнува кога ќе ги слушнеме потребите на луѓето и кога ќе престанеме да ги игнорираме“, истакна Матевска.
На дискусијата присутните ги споделија своите секојдневни искуства, кои уште еднаш ги разоткрија системските пречки: отежнат пристап до функционална проценка, особено во стручните тела во Скопје; нередовна исплата на социјалните услуги, што ја нарушува континуираната поддршка; необезбедени образовни асистенти, што ги ограничува учениците со попреченост во редовниот процес на образование; недостапни матични амбуланти за корисници што не можат да влезат без пристапна рампа.
Овие сведоштва покажуваат дека иако правата се запишани во конвенции, закони и стратегии, нивното реално остварување е сè уште далеку од гарантирано. Тоа е потсетник дека обврската за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост не е само законска, туку и морална. Конвенцијата е темел за изградба на инклузивни политики, достапни услуги и систем кој не остава никого зад себе.
Социјалната инклузија не е декларативна заложба, туку процес кој бара континуирана работа, институционален интегритет и активно учество на заедницата. Само така може да се обезбеди општество каде што секој човек – без разлика на попреченоста – ќе има достоинствен и самостоен живот.
