Според документот, Палестинците биле протерани за време на операциите во камповите Џенин, Тулкарем и Нур Шамс — и сè уште не им е дозволено да се вратат во своите домови.
HRW интервјуирал 31 раселен жител и анализирал сателитски снимки, наредби за уривање и верификувани материјали од израелските воени операции. Организацијата тврди дека Израел војувал со хеликоптери Apache, дронови, оклопни возила и булдожери, уривајќи цели редови згради и притоа создавајќи нови патеки низ камповите. Израелските сили, според сведошта на раселените лица, вршеле притисок врз цивилите да ги напуштат своите домови, а кон оние што се обиделе да се вратат било пукано.
Израелската армија (IDF) реагираше со соопштение до CNN, во кое тврди дека операцијата „Iron Wall“ во трите кампови е спроведена поради растечки безбедносни закани и засиленото присуство на милитантни групи. Според IDF, уривањето било „законско и неопходно“, со цел создавање пристапни рути и намалување на тероризмот — за кој, велат, опаднал за 70 % на Западниот Брег.
HRW, пак, наведува дека во текот на шест месеци по иселувањето, над 850 домови и објекти биле уништени или оштетени, а Израел не обезбедил никакво сместување или хуманитарна помош за протераните лица. Повеќето биле принудени да се сместат кај роднини, во џамии или локални хуманитарни центри.
Трите кампа, основани раните 1950-ти од УНРВА за палестинските бегалци од 1948 година, со децении биле дом за илјадници семејства. HRW истакнува дека присилните иселувања се грубо кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Израелските власти во раната 2025 година насилно иселија 32.000 Палестинци без да ги почитуваат меѓународните правни заштити, и не им дозволија да се вратат“, изјави Надиа Хардман, висок истражувач во HRW. „Додека светот беше фокусиран на Газа, на Западниот Брег се извршуваа воени злосторства, злосторства против човештвото и етничко чистење.“
Во извештајот е побарано меѓународна истрага против високи израелски функционери, меѓу кои премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за финансии Беѕалел Смотрич и генерал Ави Блут, командантот на Централната команда задолжена за операциите на Западниот Брег.
Од октомври 2023 година, Израел значително ги засили операциите во Западниот Брег, со зголемени воени рации, блокади, а истовремено е регистриран драматичен пораст на насилни напади од израелски доселеници, што дополнително ја влошува состојбата на теренот.
Извор: CNN
