Данска и Гренланд официјално се извинија за нивната улога во историското малтретирање на домородните девојчиња и жени во Гренланд, вклучително и присилна контрацепција, во случаи кои датираат од 1960-тите години.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека ова претставува „црно поглавје во нашата историја“, додека данската премиерка Мете Фредериксен рече дека иако минатото не може да се промени, „можеме да преземеме одговорност“.
Минатата година, речиси 150 Инуит жени ја тужеле Данска и поднеле барања за отштета против Министерството за здравство, тврдејќи дека данските здравствени власти ги прекршиле нивните човекови права кога им биле вградувани интраутерини контрацептивни уреди (спирали, IUD).
Овие уреди, поставени во матката, спречуваат сперматозоидот да ја оплоди јајце-клетката.
Некои од жените, вклучително и многу кои тогаш биле тинејџерки, не знаеле што им се случува или не дале согласност.
До 4.500 жени и девојчиња биле погодени
Данските власти минатата година соопштија дека до 4.500 жени и девојчиња – што претставува околу половина од жените во Гренланд во тоа време – добиле IUD помеѓу 1960-тите и средината на 1970-тите.
Се смета дека целта била да се ограничи растот на популацијата во Гренланд, бидејќи бројот на жители брзо се зголемувал поради подобри животни услови и здравствена грижа.
„Не можеме да го смениме она што се случило. Но, можеме да преземеме одговорност“, рече Фредериксен. „Затоа, сакам да кажам, во име на Данска: Извини“.
Таа додаде дека извинувањето се однесува и на системската дискриминација и други неуспеси и злоупотреби кон Гренланѓаните „затоа што биле Гренланѓани“.
Фредериксен призна дека присилната контрацепција довела до физичка и психолошка траума.
Компензација од Гренланд
Премиерот Нилсен изјави дека владата на Гренланд, која го презеде управувањето со здравствениот систем од Копенхаген во 1992 година, ја признава својата одговорност и ќе додели компензација на жртвите.
„Предолг период жените беа погодени на начин што остави длабоки траги врз нивните животи, семејства и заедници“, напиша тој на социјалните мрежи.
„Сочувствувам со жените и нивните најблиски. И ја споделувам нивната тага и гнев.“
Тој додаде: „Беше крајно време официјална Данска да се извини. Предолго, жртвите на „случајот со спиралите“ беа замолчени. Жално е што извинувањето доаѓа дури сега – предоцна е, и премалку“.
Гренланд, кој е дел од данското кралство, беше колонија до 1953 година, кога стана провинција на Данска.Во 1979 година доби самоуправа, а 30 години подоцна – статус на самостоен субјект.