Трн: Има ли сабота за Муцунска која со Хотел Манастир две децении пишува туристичка приказна во Малеш?
Муцунска: Секако, само што не е ден за одмор :), туку е работен ден…, туристи со причина одмор, гастрономија, тим билдинг, семинари, рекреација, по доза здравје и уживање… секој со својот повод, а ние едни, за сите 🙂
Трн: Откажувања или добро менаџирање на успешен семеен и приватен / јавен живот?
Муцунска: Добро менаџирање и владеење на времето, желбите, потребите… живееме во време со неверојатно многу можности и правењето на вистински избор за себе е најголемиот предизвик на секој поединец, за да може да биде до некаде задоволен од себе и од она зад себе, но и да гледа мотив и инспирација во денот кој доаѓа. Клучни зборови се баланс, планирање, приорететизирње и донекаде флексибилност.
Трн: Што нуди Берово, каде може да прошета секој патник кој врви низ тој крај, а и да остане попатно да се восхитува на реткости и знаменитости?
Муцунска: Берово е сместено во живописниот Малешевски регион, нуди ризница на атракции и искуства за патниците кои минуваат низ него. Јас сум горда што можам да споделам убавините на овој регион со нашите гости.
Љубителите на природата го доживуваат Берово како недопрена природна убавина. Неверојатните пејзажи на Малешевските Планини даваат многу можности за прошетки во природа, планинарење, возење на велосипеди… Можете да уживате и во спокојството на Беровското Езеро кое е опкружено со бујна борова шума и е совршено место за релаксација, кајак, СУП даски и риболов. Од природните знаменитости кои се во околината на Берово, а се вредни да ги посетите, ќе ги препорачам: Ченгино Кале, Мурите, Пехчевските водопади, Меловето, Кукољето, Јудови ливади и други. За љубителите на историјата, регионот може да се пофали со уникатни културни и историски места. Манастирот Свети Архангел Михаил е вековен духовен центар, стои како симбол на богатото религиозно, но и просветно и револуционерно наследство на регионот. Дополнително, останатите културни споменици нудат поглед во минатото, обезбедувајќи потполност на сликата за регионот.
Љубителите на храна ќе уживаат во локалната кујна, со традиционални јадења со уникатен спој на вкусови. Берово е познато по своите вкусни органски, еко и шумски производи и специјалитети. Додека патниците го истражуваат регионот, тие можат да ги посетат и локалните фарми – колиби и живи занаетчиските работилници, соединувајќи се со автентичниот рурален живот на Малешевскиот регион. Социјализирањето со пријателско настроените локални жители и доживувањето на нивното топло гостопримство е додадена вредност на патувањето 🙂 .
Посебноста на Берово е во пружањето на сесодржајно уникатно искуство за патниците – спој на природни убавини, културно наследство и фолклор и превкусна здрава храна, како локална понуда.
Трн: Со велосипедски тури им се восхитувате на Малешевские планини, но има ли патеки и за возење и за развивање планински туризам?
Муцунска: Малешевските Планини нудат одлични можности и за велосипедски тури и за развој на планински туризам. Разновидниот пејзаж на регионот, со своите заоблени ридови, шуми и живописни долини, е идеален амбиент за истражување и восхитување за љубителите на велосипедизмот и планинарењето. Од 2010 г. преку проекти на здружението Малешевска Корија, чиј сум основач, трасираме и маркираме планински патеки и организираме различни тури и настани, имаме и 25 планински велосипеди за изнајмување и водичи подготвени за полесни и потешки рути.
Како професионалец во туризмот, како ентузијаст во планинскиот велосипедизам и планинарењето, но и како активист за одржлив развој, со моите силни заложби за сите овие 20 години, особено и во промоцијата на сите наведени поединости и специфики на регионот, кои успеавме да ги спакуваме и понудиме како туристички производ за целиот овој период, се гордеам со напредокот што го постигнавме во развојот и препознатливоста на регионот. Преку тековни напори, се работи посветено и понатаму, а со оглед дека градењето на туристичка дестинација е децениски, па и вековен процес во кој основна и огромна улога има јакнењето на локална свест за тоа, имаме пред нас долг пат.
Трн: Велите дека на вашите ценети клиенти им го давате искуството на животот, кои се состојките?
Муцунска: За да им обезбедиме на нашите гости незаборавно искуство, хотел Манастир, подготвува внимателна мешавина на состојки:
- Исклучителна услуга – даваме приоритет на персонализирана услуга, обезбедувајќи лично внимание, за секој гостин, за тие да се чувствуваат вреднувани и добро згрижени во текот на нивниот престој и нивното искуство, да ги надмине нивните очекувања.
- Неспоредливо гостопримство – нашиот топол и гостољубив тим, создава амбиент – дома далеку од дома, правејќи гостите да се чувствуваат како семејство.
- Квалитетно сместување – нудиме удобни и добро уредени соби со модерни удобности, обезбедувајќи мирен и пријатен престој.
- Извонредни искуства – подготвуваме уникатни и автентични искуства, нудиме возбудливи прошетки и активности, кои им овозможуваат на гостите да се поврзат со локалната култура, традиција, природните убавини и атракциите на дестинацијата.
- Силна поддршка во организација – нудиме за групните посети од кои голем дел се и со работен карактер: семинари, работилници, тим билдинг…, а и за организираните гостувања за забава, рекреација, гастрономија…
- Кулинарски задоволства – посветеноста на локални и сезонски состојки од беровските, ниви, фарми и шуми, гарантира уживање на нашите гости во превкусните традиционални, а еколошки специјалитети.
- Одржливи практики – посветени сме на еколошки практики и одговорен туризам, овозможувајќи им на гостите да бидат дел од позитивниот придонес за животната средина и локалната заедница
Создавање на незаборавни моменти за беспрекорно искуство.– на кои нашите гости ќе се потсеќаат уште долго откако ќе заминат и кои ќе ги поттикнат да ја раскажат нашата приказна и да не препорачаат, а и повторно ќе ги вратат да не посетат.
Трн: Ги надминувате ли очекувањата на гостите, кои се најинспиративни, а кои најљубезни?
Муцунска: Надминувањето на очекувањата на нашите гости е една од нашите основни цели. Нашата посветеност, љубов кон работата, искуство и инвентивност, се нашите главни алатки во обезбедувањето исклучителни услуги и искуства и вистинско гостопримство. Најинспиративни се оние гости кои на своите патувања им пристапуваат со чувство на ентузијазам, љубопитност и слободоумност. Тие активно го истражуваат се кое им се нуди: од ресторанското мени, до локалната природа и култура, прифаќаат нови искуства и покажуваат искрено уживање во убавината на нашата дестинација. Нивното вреднување за нашата понуда нè инспирира постојано да ги подобруваме нашите услуги. Самата домаќинска атмосфера и нашето искрено гостопримство ги поттикнува гостите на љубезност, која искрено ја покажуваат и во ценењето на нашата посветеност. Нивната топлина и благодарност силно не мотивираат, да од секое нивно гостување, правиме прекрасно искуство и за нашиот тим и за нашите гости.
Трн: Ако е тешко да се произведе, а уште повеќе да се зготви од каде ги „набавувате“ готвачите во Малешевијата и Хотел Манастир за да готват така домаќински?
Муцунска: Исклучителните кулинарски искуства во Хотел Манастир се резултат на запазувањето на праксата сите намирници да се набавуваат од локалните производители кое ни овозможува пристап до уникатни еко состојки и поддршка на одржливи практики. Регионот Малешевија е познат по своето богато кулинарско наследство и традиционалните рецепти кои се пренесуваат низ генерации, па така со негувањето на автентичните вкусови од трпезите на нашите баби, кои ги воскреснавме и пренесовме во ресторанското мени, заедно со нашиот главен готвач и останатите членови на тимот, од кои сите сме дел од нашата локалната заедница, активно придонесуваме и кон локалната економија и кон целиот мозаик за автентичното доживување на нашите гости.
Трн: Многумина валат: „Фали го селото, а живеј во градот“, па како се води рурален наспроти урбан туризам?
Муцунска: Руралниот туризам ги нагласува автентичните искуства, одржливите практики и активностите засновани на природата, обезбедувајќи побавно темпо на живот, мир, рекреација во природа, социјализација со локалното население, поинаква културна димензија, чист воздух, здрава животна средина…, во Берово – особено високиот степен на кислород во воздухот ви дава многу побрза и поефективна мисла кое ве прави и многу поефикасни во умствените процеси, па затоа е идеално место и за работни посети, семинари, состаноци, тим билдинзи… и секако многу поизразеното топло гостопримство на членовите на руралната заедница кое е од неверојатна важност за туризмот.
Од друга страна, урбаниот туризам нуди енергична културна разновидност, урбана инфраструктура, разни градации на сместување и гастрономска интернационална разноликост. Ефективното управување вклучува приспособување на услугите за да се задоволат преференциите на патниците, но бидејќи сум искусна и во двете сфери, според мене е многу поедноставно раководењето во урбаниот туризам, поради многу поголемиот избор на ресурси, од човечки, до материјални, можностите за полесен пристап до друга опција во решавањето на предизвиците, но и задоволувањето на очекувањата на гостите во урбаниот туризам поради нивната постандардна природа, не е толку сложено, наспроти кое ширината на имагинацијата и играта на креацијата која е возможна во руралниот туризам, просто е прекрасна и силно маѓепсува.
Трн: Верувате ли во паролата: „Гостинот е секогаш во право“?
Муцунска: Иако слоганот „Гостинот е секогаш во право“е добро познат, јас верувам во избалансиран пристап. Секогаш ми е приоритет обезбедувањето исклучителна услуга и задоволство на гостите, но сепак, од суштинско значење е да се постигне рамнотежа помеѓу исполнувањето на преференциите на гостите и одржувањето на интегритетот на нашите услуги и вредности. Понекогаш, гостите може да имаат побарувања и желби кои не се остварливи или не се во согласност со политиките на хотелот. Во такви случаи, од клучно значење е отворената комуникација и изнаоѓањето заемно корисни решенија. На крајот на краиштата, моето верување е во создавањето позитивно и незаборавно искуство за нашите гости, додека одржуваме висок стандард на услуга и професионализам.
Трн: Ретроспектива: Со какви цели гледавте во 2004 година кога тргна идејата за Хотел Манастир?
Муцунска: Во 2004 година, моите цели за Хотел Манастир беа да создадеме топол и пријатен хотел кој ќе ја прикаже убавината на Малешевскиот регион, ќе пружи автентични искуства, ќе ја поддржува локалната заедница и ќе донесе незаборавни спомени за нашите гости. Имав за цел да им дадам приоритет на извонредноста во услугата и професионализмот, за да може секој еден гостин да ужива во незаборавен и исклучителен престој. И сега, кога гледам наназад, со гордост можам да кажам дека Хотел Манастир стана „дом далеку од дома“ за безброј посетители кои бараат свое прибежиште за релаксација, уживање, рекреација, гастрономско насладување или концентрација, во срцето на недопрената Малешевија!