Израел стана лидер кога се во прашање иновации во областа на земјоделието. После летечкиот робот кој сам бере, класифицира и складира овошје на ред дојде и опрашувањето. За да се реши проблемот со недостиг на пчели во израелската компанија BloomX дојдоа до идеја да направат робот-пчела. Станува збор за прототип на робот, односно машина која со биомимика ефикасно опрашува растенија како и пчелите.
„Засега сме фокусирани на опрашување на боровинки и авокадо, а резултатите се подобри отколку што очекувавме. Робо-пчелата е мобилна единица со механички раце која ги тресе стеблата на боровинката за поленот од машките да се премести на женските делови од растението. Оваа работа порано ја правеле главно бумбарите, но тие не можат да работат со истото темпо како роботот. Секако, секој вид на растение бара различен пристап на опрашување и постои можност да се подеси механизмот на опрашување“, објасни маркетинг директорката на компанијата Емили Спенсер.
Според нејзе, било забележано дека на овој начин одгледувачите на боровинки можат да ги контролираат условите со помош на апликација која ќе им сугерира кога е идеално време за опрашување.
„На овој начин овоштарите може однапред да го планираат опрашувањето а со тоа и бербата. Предноста е што не зависите од пчелите и нивното расположение затоа што кога е премногу ладно тие остануваат во кошниците, а не излегуваат ни кога е премногу ладно“, објасни Спенсер.
Нивните истражувања покажаа дека опрашувањето на боровинките на овој начин може да го зголеми приносот и до 30 проценти.
Извор: poslovni.hr