Принцот без придобивки: Судот одби да му даде социјално осигурување на белгискиот принц Лоран

Обидот на белгискиот принц Лоран да добие социјални придобивки покрај својата шестцифрена годишна апанажа беше одбиен од судот во Брисел. Принцот, помлад брат на кралот Филип, минатата година доби 388.000 евра од државниот буџет, но тврди дека работата што ја извршува како член на кралското семејство и како претседател на добротворна организација за заштита на животни го прави делумно самовработен и затоа има право на социјално осигурување.

Иако рече дека не бара пари, туку правда, судот одлучи дека Лоран не може да се смета ниту за вработен, ниту за самовработен. Судијата сепак забележа дека принцот веројатно би имал право на пензија, но поради недоречености во законодавството тоа не е возможно и побара измени на законот.

Адвокатот на принцот изјави дека барањето било принципиелно и не произлегло од „каприци“, нагласувајќи дека социјалната заштита е загарантирана за сите граѓани – од најсиромашните до најбогатите.

Принцот, кој живее со сопругата Клер и нивните три деца, вели дека поголем дел од неговата апанажа оди на плата за неговиот асистент и патни трошоци, па му остануваат околу 5.000 евра месечно – без никакви социјални придобивки како надомест за медицински трошоци. Тој изрази и загриженост за благосостојбата на своето семејство, бидејќи апанажата престанува по неговата смрт.

Лоран, кој е 15-ти во редот за белгискиот трон, често е нарекуван „принцот проклетник“ поради низа контроверзии. Во 2018 година, парламентот му ја намали апанажата затоа што без дозвола присуствуваше на прием во кинеската амбасада во воена униформа. Тој има и неколку прекршоци за брзо возење и бил критикуван за состаноци во Либија за време на режимот на Моамер Гадафи. Принцот и неговиот правен тим сè уште не одлучиле дали ќе поднесат жалба на последната судска одлука.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни