Примирје со исклучок, Израел вели дека Либан не е вклучен во договорот

Хезболах ги запрел нападите врз северен Израел и израелските сили во Либан, но кабинетот на Бенјамин Нетанјаху соопшти дека двонеделниот договор за прекин на нападите врз Иран не важи и за Либан.

Хезболах рано утринава ги запрел нападите врз северен Израел и врз израелските трупи во Либан, објави Ројтерс, повикувајќи се на три либански извори блиски до групата. Според истите извори, запирањето на огнот доаѓа по најавеното двонеделно примирје меѓу САД и Иран.

Но само неколку часа подоцна, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Либан не е опфатен со договорот. Израел, според соопштението, ја поддржува одлуката на Доналд Трамп за двонеделна пауза во нападите врз Иран, но под услов Техеран веднаш да го отвори Ормускиот Теснец и да ги прекине сите напади врз САД, Израел и земјите во регионот.

Со ова, Тел Авив практично става до знаење дека операциите поврзани со северната граница и со Хезболах не ги смета за дел од примирјето. Ројтерс дополнително објави дека Израел веќе издал нова наредба за евакуација во јужен Либан, што укажува дека воените активности таму би можеле да продолжат и покрај пошироката деескалација со Иран.

Така, главната неизвесност повеќе не е само дали Хезболах ќе остане на пауза, туку и дали воопшто постои заедничко толкување на примирјето. Додека либански извори блиски до Хезболах тврдат дека групата го стопира огнот во рамки на договорот, Израел јавно порачува дека Либан е исклучен од таа рамка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни