Дека кучињата се најдобриот и најверниот пријател на човекот доказ е и оваа животна приказна. Во Прилеп куче два дена стои пред болницата и го чека својот газда кој доживеал мозочен удар. Од моментот кога брзата помош го качила човекот да го однесе во болница кучето не се одвоило од него. Трчало по возилото се до болницата, а потоа останало надвор, неуморно да го чека својот газда. За лојалноста на четири ножниот човеков другар јавноста дозна преку социјалните мрежи, благодарение на активисти за заштита на животните.
„Кучево е пред болница Прилеп. Трчало по возило на итна помош во кое се превезувал газдата со мозочен удар. Два дена го чека пред болница сопственикот и не јаде. Која е оваа љубов луѓе…“, стои во објава на социјалните мрежи.
Иако приказната се сподели со јавноста со цел да се најде привремено згрижување за кучето кое од секој аспект ја покажа својата љубов и лојалност кон сопственикот побуди и бура од позитивни реакции. За кратко време љубители на животните се обединија и најдоа решение за црно – белиот крзнен пријател на човекот.