Со претставата „12“ во режија на Синиша Ефтимов а во продукција на МНТ во петок, шести јуни свечено ќе биде отворено 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Претставата ќе се игра во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 20.00 часот, а денес беа пуштени во продажба и билетите.
Она што особено ги изненади организаторите беа редиците пред благајната на „Марко Цепенков“.
Како што објавија организаторите, сите билети биле распродадени за помалку од еден час.
Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).
Пред изведбата, ќе им бидат врачени наградите за животно дело на актерите Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова.