Prilep Jazz Weekend, во организација на Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“, информира дека Министерството за култура годинава одлучило да не го поддржи фестивалот, иако токму во 2026 година требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението потенцираат дека ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај, туку како дел од поширок проблем во културната политика. Prilep Jazz Weekend, како што наведуваат, не е ниту експериментален проект, ниту краткорочна иницијатива, туку фестивал со јасна програмска визија, стабилен континуитет, препознатлив културен идентитет и изградена публика, кој повеќе од една деценија придонесува за културниот живот на Прилеп и поширокиот регион.
Во реакцијата се отвораат и сериозни прашања од јавен интерес: дали државната културна политика свесно оди кон централизација, со што систематски се маргинализираат настаните надвор од главниот град; дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериуми при распределбата на јавните средства; и дали комисиите што одлучуваат за поддршката се навистина независни и стручни или селекцијата се врши според неформални, селективни критериуми.
„Со вакви одлуки културата надвор од центарот не се развива – таа тивко се гаси, без објаснување и без преземање одговорност“, се наведува во соопштението. Од здружението предупредуваат дека ова не е удар само врз еден фестивал, туку порака до сите културни работници во внатрешноста дека нивниот труд, без оглед на годините работа и резултатите, е лесно заменлив или небитен.
Во јавноста се поставува и суштинското прашање: дали Република Македонија сака жива, децентрализирана култура достапна насекаде, или култура сведена на неколку локации, неколку имиња и ограничен број „подобни“ проекти.
И покрај институционалната одлука, организаторите порачуваат дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои, затоа што зад него стојат публика, идеја и упорност. Сепак, тие бараат јавноста да добие јасен одговор зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено кога тие доаѓаат надвор од центарот.
„Бараме транспарентност. Бараме образложение. Бараме одговорност. Културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка. Културата не е привилегија – таа е право и мора да биде достапна насекаде“, порачуваат од Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“.
