Прилеп ќе добие нов театар

Прилеп наскоро би можел да добие нов, современ театар, откако Центарот за култура „Марко Цепенков“ го доби проектот за изградба. Со одобрението од Министерството за транспорт и врски, а сега со чекање на финансиски средства од Министерството за култура за реализација на проектот во програмата за 2025 година, Прилеп ќе стане дом за нов културен простор.

Проектот, кој беше завршен од страна на стручните проектанти, вклучува и реконструкција, доградба и надградба на објектот на Центарот за култура. Како што изјави в.д. директорка Марија Попова Јованоска, центарот располага со целосно ревидирана проектна документација, која опфаќа два одделни проекти: еден за реконструкција на постојниот објект, и другиот за доградба и надградба за да се создадат услови за изградба на театарски простор.

Проектот за реконструкција на Центарот предвидува подобрување на физичката состојба на објектот, замена на дотраените материјали и техничка опрема, додека доградбата ќе обезбеди нов простор, кој ќе ги опфати деловите од сегашното кино „Мис Стон“, „Арт“ кафулето и дел од ликовната галерија.

Реализацијата на овие два дела ќе создаде целосно интегриран простор, но и ќе обезбеди можност за понатамошно користење како независни единици во иднина.

Министерството за култура е веќе запознаено со проектот и побарано е обезбедување средства во наредната годишна програма за изградба и реконструкција на културни објекти за 2025 година. Според проектантите, изградбата на театарот ќе чини околу 18 милиони евра, додека реконструкцијата на Центарот за култура е проценета на 9 милиони евра.

Во моментов, Министерството за култура и туризам веќе одобрило 60.000 евра за почетни работи на двата проекти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни