Проектот, кој беше завршен од страна на стручните проектанти, вклучува и реконструкција, доградба и надградба на објектот на Центарот за култура. Како што изјави в.д. директорка Марија Попова Јованоска, центарот располага со целосно ревидирана проектна документација, која опфаќа два одделни проекти: еден за реконструкција на постојниот објект, и другиот за доградба и надградба за да се создадат услови за изградба на театарски простор.
Проектот за реконструкција на Центарот предвидува подобрување на физичката состојба на објектот, замена на дотраените материјали и техничка опрема, додека доградбата ќе обезбеди нов простор, кој ќе ги опфати деловите од сегашното кино „Мис Стон“, „Арт“ кафулето и дел од ликовната галерија.
Реализацијата на овие два дела ќе создаде целосно интегриран простор, но и ќе обезбеди можност за понатамошно користење како независни единици во иднина.
Министерството за култура е веќе запознаено со проектот и побарано е обезбедување средства во наредната годишна програма за изградба и реконструкција на културни објекти за 2025 година. Според проектантите, изградбата на театарот ќе чини околу 18 милиони евра, додека реконструкцијата на Центарот за култура е проценета на 9 милиони евра.
Во моментов, Министерството за култура и туризам веќе одобрило 60.000 евра за почетни работи на двата проекти.