Сместен во северниот дел од дел од Пелагониската котлина, Прилеп е еден од најрелевантните градови во поновата историја на Македонија. Во историските извори за прв пат се среќава како тврдина Прилеп некаде околу последните денови на Цар Самоил (почеток на 11ти век), иако се чини дека тука и претходно постоел повеќе време. Како и сите градови во средниот век, започнал како тврдина, а потоа цивилните куќи полека се “прилепиле“ кон тврдината. Повеќето извори велат дека токму така настанало и името на градот.
Многу народни преданија и херојски приказни се плетат околу овој наш убав град. Некои велат дека “Момата над Прилеп“ е стара 400.000 (четиристотини илјади) години. Природна скулптура на жена со три лица висока 67 метри, од некои толкувана како Големата Мајка, симбол на тогашната македонска монотеистичка религија. Фасцинантно, нели? Поблизок до нас е популарниот Крале Марко, владетел на Прилепското кралство за време на доаѓањето на османлиите на Балканот. Човек кој со својата храброст, но и воена вештина и ум, успеал да го задржи своето владеење цели 24 години и покрај турското освојување на овие територии. Токму затоа, кога одам за Прилеп, веднаш по минувањето на преминот Плетвар, прва глетка се маркантните Маркови Кули, за мене симбол на непокор на овој наш град.
Градот Прилеп е одликуван со орден народен херој на Југославија и претставува само еден од осумте градови кои се здобиле со ова признание во целата наша поранешна држава СФРЈ. Зошто токму Прилеп? Во далечната 1941 година, некои млади, слободољубиви деца од овој град, едноставно несогласувајќи се со популарната македонска максима: “ќути – трај“, припукаа на окупаторот и главно давајќи го своите животи, ја воспоставија Македонија на страната на антифашистичката и победничка коалиција во Втората Светска Војна. Патем речено, со тој орден се одликувани 14 лица кои потекнуваат од Прилеп и прилепско, што додатно зборува за свеста и бестрашноста на луѓето од овој наш крај.
Ако се прашувате каде води овој сублимиран час по историја, веднаш да одговорам: во Прилеп. Како што гледате, има многу причини зошто некој би се нашол таму деновиве, а еве и уште една: Прилепскиот Џез Викенд. Дванаесет години по ред, ентузијастите и вљубеници во прогресивната култура од овој град, успеваат да одржат фестивал на напредна музика и мисла. Во денешна, слободна Македонија, тоа е вистинско херојство. Во време кога нашата држава, за софистицирана култура одвојува колку за леблебија, 12 години џез фестивал е рамно на херојство во војна. Успехот на овој локален џез фестивал се должи на комбинацијата од на далеку прочуениот прилепски инает и секако високата свест за современите потреби на напредните луѓе кои живеат во овој град.
Изминатава деценија, на фестивалот продефилираа речиси сите релевантни македонски џез имиња и голем број значајни регионални состави и артисти, придонесувајќи Прилеп да се запише на мапата на градови кои имаат значајна културна понуда. Уште повеќе, како град кој активно учествува во деметрополизација и децентрализација на културата, што е една од основните парадигми кои современата, европска, македонска држава би морало да ги негува, доколку сака да го задржи она малку население кое се решава да остане да живее и работи тука. Не знам само дали се слушаме? Хјустон?
Прилепскиот Џез Викенд оваа година понуди мошне обемна и разновидна програма, распоредена во 5 фестивалски денови. Имињата кои го сочинуваат ова – МАШАЛА! – 12то издание се следните: Ченгиз Ибрахим, Next to Silence, Jingarabushi, Дориан и Добрила Дуо, Soothsayer, Фолтин, 3 Go No Me 3 и Intergalactic Mutant Funk. Секое од овие имиња во прилепски контекст е атракција сама за себе. Затоа не бидете деморализирана банда повикувачи на “метеорот“, скокнете до градот на Крале Марко викендов и со гооолема кригла пиво, уживајте во она што го нудат фестивалот и градот. Патем речено, Прилеп е прочуен и по најдобрата скара во регионот.
Како за крај дами и господо, прочитајте го и ова мое скромно мислење, всушност решение за сите наши проблеми: Само културата ќе не спаси. Култура и малку повеќе пари за трошење во џебот. ЗБОР.