Активните и идните македонисти знаат дека секое ново делче од мозаикот во запознавањето на македонската култура ќе им биде драгоцено во пренесувањето на нивното знаење со љубов кон нивните студенти или кога ќе преведуваат од македонски на своите јазици.
Зоран БОЈАРОВСКИ,
Камера и фотографија: Игор ЧАДИНОСКИ
Екипата на Рацин.мк го посети Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) што се одржуваше во Универзитетскиот центар на УКИМ во Охрид еден ден пред неговото затворање.
Дел од учесниците веќе беа заминати, некои заминуваа тој ден, но во хотелот и во паркот покрај брегот на Охридското Езеро сѐ уште можевме да се сретнеме со дел од овогодишните учесници. Сите беа добро расположени и во паузите меѓу последните предавања или лекторски вежби разговаравме со повеќемина од нив.
Ова сторија за Семинарот за македонски јазик, литература и култура, низ личните приказни на учесниците на годинешната летна школа.
Она што го забележавме како прв впечаток е дека на семинарот има повеќе генерации македонисти. Дел од нив се веќе искусни, докажани македонисти, професори или раководители на катедрите по македонски јазик на своите матични факултети во Чешка, Полска, Словенија, Хрватска, Руската Федерација, НР Кина и во повеќе други земји, а дел од нив се студенти на тие факултети на средно рамниште или почетници во познавањето на македонскиот јазик.
Директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ни објасни дека младите семинаристи во најголем дел се во почетните групи, на почетно ниво, не го познаваат македонскиот, почнуваат од нула или со мало предзнаење.
– Меѓутоа она што е интересно е дека и во групите со средно ниво, и особено во напредните групи, имаме мешан состав. Истовремено во една група можете да видите и студент и професор. Тие учесници, во тие напредни групи го познаваат, го зборуваат македонскиот, но сега ги учат финесите на македонскиот јазик. Исто така и на полето на македонската литература, посочи директорката.
СЕМИНАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ОХРИД Е КЛУЧЕН ЗА НАС СТРАНСКИТЕ МАКЕДОНИСТИ
Нашата прва средба со искусните македонисти беше со проф. д-р Намита Субиото, која раководи со Катедрата по македонски јазик на на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Она што е значајно за оваа катедра е што тука е основан првиот Лекторат по македонски јазик уште во академската 1961/1962 година и професорката Субиото ни рече дека сѐ уште предизвикува интерес за изучување на македонскиот јазик, литертура и култура.
– Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, е клучен за нас странските македонисти. Многу ни значи не само убавата атмосфера и гостољубието, туку и средбите со врвните стручњаци по македонски јазик, литертура, култура, историја. Тука добиваме значајни публикации… Но, не завршува сѐ со семинарот, туку управата на семинарот, директорката и нејзините соработници ја следат нашата работа преку целата година и тоа многу ни значи. Ја имаме нивната поддршка и мислам дека оваа институција заслужува многу високо признание од македонската држава затоа што грижи за промоција на македонската култура надвор од Македонија, ни рече проф. д-р Намита Субиото.
Меѓу оние искусните на семинарот се запознавме и со проф. д-р Кристина Дуфкова која доаѓа од Република Чешка и којашто македонскиот јазик го предаве не само на нејзината катедра во Брно, туку и на други факултети во Европа благодарение на програмата Еразмус Плус на ЕУ.
– Јас сум Кристина Дуфкова од Чешка Република, професорка на Масариковиот универзитет во Брно, немам многу студенти, но имам многу заинтересирани студенти. Предавам и на Шлескиот универзитет во Опава и на Универзитетот во Глазгов каде што предавам чешки јазик, ни кажа во своето претставување професорката Дуфкова.
Таа ни ги пренесе и впечатоците со кои си заминува од овогодишниот семинар во Охрид.
– Имам многу убави впечатоци. Имавме многу убаво друштво и професорот Иван Антоновски многу добро го водеше курсот по литература. Истражувавме повеќе поезија, но читавме, исчиткувавме и драма, па и проза, куси раскази… Многу интересно и јас уживав во дискусиите со колегите во групата, истакна македонистката проф. д-р Кристина Дуфкова од Република Чешка.
Професорката Дуфкова како македонист кој го шири изучувањето на македонскиот јазик и литература ни пренесе и дел од искуството од преведувањето на поезијата на Аци Шопов со нејзините студенти на семинарот.
– Го подготвивме ова издание, „Ацо Шопов на 11 јазици“. Во него има песни од Ацо Шопов на 11 јазици. Мислам дека ова издание може да се користи за настава, но може да се чита и на други јазици затоа што добро е кога еден автор можеме да го најдеме на други јазици, да споделуваме мисли за него иако не знаеме македонски јазик толку добро за да го читаме во оригинал, рече проф. Дуфкова.
ЛЕТНАТА ШКОЛА ВО ОХРИД Е ИНСПИРАЦИЈА ЗА ИДНИТЕ ПРОЕКТИ НА МАКЕДОНИСТИТЕ
На семинарот во Охрид запознавме и еден од нејзините студенти, Јан од Полска кој ни ја претстави својата страст за изучување на словенските јазици.
– Се викам Јан. Од Полска сум. Учам на Шлезискиот универзитет во Катовице. Имам голема страст кон словенските јазици. Во Охрид, на Охридското Езеро сум веќе трет пат и секогаш чувствувам нешто што тешко можам да го објаснам со зборови на македонски бидејќи немам уште толку зборови за да ги изразам сите мои мислења. Но, многу сум среќен дека бев улесник на летната школа. Запознав многу одлични луѓе. Пред сѐ научив да ги користам моите скромни ресурси на македонски. Сега засега уште скромни, и … да, тоа е тоа, ни рече Јан.
Со истата страст Јан зборуваше и за своите амбиции да продолжи да го совладува македонскиот јазик
– Јас имам болна амбиција, за жал и тоа се гледа посебно кога станува збор за јазици. Мислам дека секој контакт со странските јазици, како со македонскиот, е интересен и има своја вредност. Мене многу ми се доапаѓаше кога на Еразмус часовите во Брно со професорката Кристина Дуфкова ја преведувавме поезијата на Аци Шопов. Не сакам да кажам преточно бидејќи не сакам да сум ограничен на една област.
За Војчек Рушај од Краков од Полска учеството на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, освен усовршувањето на знаењата по македонски, е прилика и за запознавање на обичаите, храната и луѓето во Македонија.
Карла Шкрлец од Хрватска ни донесе во Македонија посебно интересна приказна. Таа студира социологија и шпански јазик и книжевност, но за време на студиите била силно привлечена од македонскиот јазик и од македонската литература и денеска е една од најентузијазираните студентки и по македонски јазик
– Јас сум Карла Шкрлец, доаѓам од Загреб, Хрватска. Таму студирам социологија и шпански јазик и книжевност. Почнав да го учам јазикот сосема случајно, ама на факултет имав многу убава можност да „наставам“ и понатами да се занимавам со јазикот на попрофесионално ниво благодарејки му на професорот Ивица Баковиќ којшто држи предмети по македонска драма и македонска поезија, така, нашто подлабоко за клутура или литература да научам, ни ја пренесе Карла својата страст за македонскиот јазик и книжевност.
Карла Шкрлец од Хрватска, освен што за две години сосема добро го научила македонскиот, ни пренесе дека тоа ја поттикнало да размислува и за одредени проекти поврзани со македонскиот јазик и литература во иднина.
– Учев две години официјално, а после тоа мислам дека тоа е балгодарност на моите другарки коишто постојано ми помагаат, иако студираат на машински факултет, на пример, ама ги барав оти немав помош професионална па ја барав насекаде и ја добив. Тоа е нешто што ме привлекува многу во Македонија затоа што секогаш многу убаво се чувствувам и затоа што секогаш ќе најдам и помош и другари, ни кажа Карла.
Таа уште ни кажа дека вваа година добила за прв пат можност да учествува на овој семина.
– Мислам дека тоа за мене беше многу убаво искуство и се надевам и поттик за многу убави мои проекти затоа што имав можност да слушам за многу убави реализирани и замислени проекти коишто сѐ уште не се реализирани и мислам ќе ме инспирираат за нешто, потенцираше Карла Шкрлец од Хрватска, идната македонистка.
СЕМИНАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ОХРИД ЗАТВОРИ УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА ПРИКАЗНА И ЈА ПРОШИРИ МРЕЖАТА МАКЕДОНИСТИ
Нашата посета на МСМЈЛК во Охрид се заокружи со средбите и разговорите со учесниците почетници.
Ева од Чешка ни откри една интересна перспектива. Таа студира економија и менаџмент, но страста да изучува други јазици и култури ја довела во контакт со македонскиот јазик.
– Здраво, јас сум Ева. Јас сум од Чешка. Јас сум студентка по економија и менаџмент. Во Охрид сум за да научам малку македонски. Причината зошто дојдов тука е бидејќи мислам дека е важно да се учат други јазици за да запознаам други култури, особено кога имаме исти корени зашто јас сум од Чешка, а чешкиот јазик е словенски јазик. Споделуваме иста историја во некои делови, како онаа за Кирил и Методиј кои дошле во Моравија за да го учат описменуваат населението. Го сакам јазикот. Тој е како луѓето, постојано се менува како жив организам, како да е во нас и мислам дека е добро да се знае тоа, ни рече Ева.
Таа на откри дека за време на двонеделниот семинар во Охрид ја открила и пасијата да научи барем некои од македонските ора и таа сега вели дека знае да ги игра македонските ора – трошку.
И Ана од НР Кина е почетник. Ја завршила првата година на катедрата по македонски јазик на нејзиниот факултет и ова лето за прва дојде до Охрид на Меѓународниот семинар по македонски јазик литература и култура.
Од Македонија и од семинарот си заминува со исполнета желба да го учи македонскиот во Македонија и со нови пријатели кои се дел од мрежата македонисти ширум светот.
Денот во Охрид за време на посетата на екипата на Рацин.мк на Меѓународниот семинар по македонски јазик литература и култура, заврши кога започна последниот час од курсот за македонски ора. На репертоарот беше „Пајдушкото“. Ева од Чешка, Ана од Кина, професорката Намита од Словенија и останатите, ни ја покажаа сета нивна страст и желба да научат колку што може повеќе од македонската култура и традиција. Активните и идните македонисти знаат дека секое ново делче од мозаикот во запознавањето на македонската култура ќе им биде драгоцено во пренесувањето на нивното знаење со љубов кон нивните студенти или кога ќе преведуваат од македонски на своите јазици.
Извор: Рацин.мк