На 20 ноември во 20:00 часот, Музеј на град Скопје ќе ја отвори изложбата „Приказни од маргините“ на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ — проект што преку интерактивни инсталации ги осветлува тивките, занемарени и често невидливи простори на општеството.
„Приказни од маргините“ ја комбинира визуелната и наративната форма, користејќи го краткиот расказ како мост меѓу центарот и периферијата на општествената свест. Изложбата ги носи гласовите „од и кон“ маргината, нудејќи им простор на оние што ретко се слушаат и создавајќи мрежа на присуства меѓу оние што можат да зборуваат и оние што остануваат надвор од видливоста.
Интерактивните инсталации, цртежи во продолжение и илустрирани свитоци ја претвораат секоја приказна во подвижна слика. Посетителите сами ги „отмотуваат“ наративите, активирајќи ги судбините на маргиналците од различни социјални, политички и економски сегменти. Делата се инспирирани од седум кратки раскази од истакнати автори:
„Одбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов и „Вила Тибериа“ од Теа Тулиќ. Нивните приказни ја претставуваат секојдневната реалност на оние кои живеат во меѓупросторите — географски, културни, политички или економски.
Уметничката практика на Ѓорѓе Јовановиќ (1980) е позната по експерименталните и интердисциплинарни пристапи кои го истражуваат односот меѓу поединецот и општествените процеси на интеграција, дезинтеграција и редефинирање на вредностите. Неговите дела често се создаваат во специфични социјални и урбани контексти, адресирајќи ги кревките структури на современото живеење и трансформациите што ги обликуваат личните и колективните идентитети.
Творештвото на Јовановиќ е претставено во голем број институции во Македонија и во светот, меѓу кои MC Gallery (Њујорк), МСУ – Скопје, Gallery Hoast (Виена), MAXXI (Рим), Rotor (Грац), Zachęta Project Room (Варшава), како и на Manifesta 14 во Приштина. Има учествувано и во бројни резиденцијални програми во Базел, Тирана, Париз, Њујорк, Истанбул и Грац. Добитник е на наградата „Денес“ (2009), како и повеќе професионални признанија во областа на визуелните уметности.
Изложбата во Музејот на град Скопје претставува редок спој на литература, визуелност и интерактива — и покана да се погледне кон оние простори што ретко ги забележуваме, но постојано нè опкружуваат.
