Музејот на град Скопје ја претставува самостојната изложба „Приказни од маргините“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ – проект што преку интерактивни инсталации, подвижни слики и илустрирани раскази ги прави видливи оние кои најчесто остануваат надвор од јавната свест.
Изложбата ја комбинира литературата и визуелниот наратив: посетителите одмотуваат свитоци, активираат анимации и влегуваат во контакт со ликови чија секојдневна реалност ретко допира до институциите и медиумите. Делата се развиени врз основа на седум раскази од автори од земјата и регионот, меѓу кои Бужаровска, Андоновски, Алијевиќ, Тулиќ, Господинов и Андонова Шопова.
„Приказни од маргините“ ги отвора прашањата за нееднаквоста, економската несигурност, прекарните работни услови, невидливите групи, еколошките последици од политички и економски процеси – но и за моќта на маргината како простор од кој може да се замислат алтернативни заедници и нови начини на гледање.
Ѓорѓе Јовановиќ (1980) е визуелен уметник кој преку инсталации, перформанси, видеа и цртежи го истражува современиот човек и неговата ранливост во услови на конзумеризам, политички промени и распаѓање на вредносните системи. Изложувал во Скопје, Виена, Грац, Берлин, Приштина, Њујорк, Париз, Рим и Истанбул, и е добитник на повеќе награди за современа уметност.
Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на РСМ, Еко-свест, Save the Blue Heart of Europe и PONT.
