Приказната зад Цезар салатата: 101 година вкусна историја

Во јули 2025 година, Цезар салатата слави 101 година постоење – век и повеќе од нејзиното импровизирано создавање што го освои светот.

И покрај името, салатата нема никаква врска со римскиот император, туку со италијански имигрант кој живеел и работел во Мексико.

Како започна сè?

Цезар салатата е создадена во 1924 година, во пограничниот град Тихуана, Мексико. Таму, Цезар Кардини, италијански имигрант, го отворил ресторанот Caesar’s, насочен кон американски гости кои барале бегство од забраната за алкохол.

На 4 јули, кога ресторанот бил преполн и останал без залихи од менито, Кардини набрзина ги собрал преостанатите состојки и направил салата директно покрај маса – со малку театар и многу инвентивност. Импровизираната салата, подготвена пред пијани и гладни Американци, станала неочекуван хит.

Оригиналниот рецепт

Оригиналниот рецепт за Цезар салата содржи:

  • Цели листови зелена салата романа
  • Крутони со лук
  • Дресинг од сурова жолчка, мелени инчуни, лук, дижон сенф, лимон, сол и бибер
  • Маслиново масло
  • Рендан пармезан

Салатата се подготвувала покрај маса, со сите состојки внимателно мешани во голем дрвен сад, додавајќи спектакл и свежина на секој оброк.

Кој ја измислил – Цезар или Алекс?

Иако Цезар Кардини официјално се смета за креатор, некои историчари му ја припишуваат финалната верзија на неговиот брат, Алекс Кардини, кој наводно го додал дижон сенфот и инчувите, составни делови на денешната верзија.

Се јавува и трет можен автор – готвачот Ливио Сантини, кој тврдел дека рецептoт потекнува од неговата мајка. Иако вистинскиот изумител можеби никогаш нема да се утврди со сигурност, сите извори го лоцираат потеклото во Тихуана.

Како стана светски феномен?

Салатата се проширила во САД преку познати холивудски ѕвезди како Кларк Гејбл и Џин Харлоу, кои патувале до Тихуана само за да ја вкусат. Легендарната ТВ готвачка Џулија Чајлд ја нарекла „салатна сензација од брег до брег“.

Во 1953 година, Меѓународното друштво на епикури со седиште во Париз го прогласило рецептот за „најдобар американски рецепт во последните 50 години“.

Современи варијации и претстави

Денес, Цезар салатата е присутна од брзи сендвич барови до ресторани со Мишелин ѕвезди. Во Bar Etoile во Лос Анџелес, салатата се претвора во луксузен хибрид со говедско тартар, инчуни и кора од лимон.

Во Квебек, ресторанот Le Continental ја подготвува салатата пред гостите – како што се правело во 1924 година.

Во родниот град Тихуана, ресторанот Caesar’s и денес служи верзија на салатата со табаско, инчуни, Вустершир и лимон, а ѕидовите се украсени со портрети на Кардини и Сантини.

Како да ја направите Цезар салатата дома?

  1. Во голем дрвен сад ставете: сечкан лук, жолчка од јајце, сок од лимон, дижон сенф, сол, црн пипер и (по избор) паста од инчуни
  2. Полека додавајте маслиново масло додека матите
  3. Додадете рендан пармезан и измешајте до кремаст дресинг
  4. Вметнете цели листови зелена салата романа и крутони
  5. Сервирајте со дополнителен пармезан одозгора

Зошто трае 101 година?

Токму во тоа е магијата на Цезар салатата – едноставна, но префинета. Лесна за прилагодување, но доволно моќна за да остави впечаток. Без разлика дали сте пурист или љубител на модерни варијации, салатата го одржува својот статус како еден од најпознатите и најсакањите оброци на светот.

Извор: National Geographic

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни