„Приказната за Силјан“ со престижна номинација за Независен дух

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска влезе меѓу петте финалисти за престижната американска награда „Независен дух“ (Independent Spirit Awards), признание кое традиционално се смета за силен индикатор за успех во трката за Оскар.

Филмот е номиниран во категоријата Најдобар документарец, рамо до рамо со продукциите „Come See Me In the Light“ на Рајан Вајт, „Endless Cookie“ на Питер Кривер, „My Unwanted Friend – Part 1 – Last Time in Moscow“ на Џулија Локтев и „The Perfect Neighbor“ на Гита Гандбир. Годинава најмногу номинации, вкупно пет, освои филмот „The Day of Peter Hujar“ на Ајра Сакс.

Ова е 41. издание на наградите „Независен дух“, кои по четири децении одржување во шатор на плажата во Санта Моника, годинава ќе се организираат во „Холивуд Паладиум“ на 15 февруари. Номинациите ги опфаќаат филмови од 18 земји, со буџети од 35.000 до 20 милиони долари. Особено се издвојува високата застапеност на жени авторки (41%) и креатори од различни етнички заедници (33%).

Наградите ги доделува Здружението на независните филмаџии на САД, а селекцијата ја прави комитет од околу 50 членови. За победниците гласаат повеќе од 6.000 членови на здружението. Особеноста на ова признание е што квалификувани се само филмови снимено со буџет до 30 милиони долари, што ја нагласува независноста на продукциите.

„Силјан“ по својата американска премиера беше опишан како еден од највлијателните и најемотивните документарни филмови на 2025 година. Ова е втора голема меѓународна номинација за Котевска, која во 2020 година заедно со Љубо Стефанов ја доби истата номинација за глобално признатиот филм „Медена земја“, што тогаш влезе во историјата како прв документарец со две оскаровски номинации.

Македонскиот кандидат „Силјан“ веќе го обезбеди интересот на еден од најреномираните светски дистрибутери, National Geographic Documentary Films, кој во септември го откупи филмот. Американската кинопремиера се одржа на 28 ноември во IFC Center во Њујорк. Филмот официјално ја претставува Северна Македонија во категоријата Најдобар странски филм за Оскарите 2026. Номинациите за Оскар ќе бидат објавени на 22 јануари, а свеченоста е закажана за 15 март.

Македонија досега има само еден добитник на наградата „Независен дух“ – антологискиот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој во 1995 година триумфираше во категоријата Најдобар странски филм, а истовремено беше и номиниран за Оскар.

„Силјан“ со оваа нова номинација уште еднаш го потврдува својот интернационален успех, а македонската документарна продукција ја позиционира како значаен играч на светската филмска сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни