Американската академија за подвижни слики, уметност и наука денеска ја објави листата на филмови што влегуваат во потесниот избор, од кои ќе произлезат финалните номинации. Тие ќе бидат официјално соопштени на 22 јануари 2026 година.
Режисерката Тамара Котевска во изјава истакна дека, и покрај исходот, филмот ја постигнал својата суштинска цел.
„Среќна сум што една македонска приказна одекна на светско ниво и за поддршката што ја добиваме јас и филмот од целата нација. ‘Силјан’ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело“, изјави Котевска.
Годинава конкуренцијата во категоријата за најдобар документарен филм беше исклучително силна, со вкупно 201 пријавен филм. Поголем број евидентиран е само во пандемиската година, кога беа пријавени 238 наслови, во услови на олеснети критериуми. Според Академијата, 2025 година се издвојува како една од најплодните за документарниот филм.
Покрај документарците, денеска беа објавени и листите за потесен избор во другите категории: за најдобар странски филм се квалификуваа 86 остварувања, додека во конкуренција за најдобар анимиран филм учествуваа 35 наслови.
„Приказната за Силјан“ беше квалификуван во две категории, за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Филмот е откупен од National Geographic и досега има освоено и добиено значајни награди и номинации, меѓу кои на фестивалите во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit Awards, PGA Awards, како и наградата од публиката Eye Cinema Audience Award.
Македонската кампања за Оскар во категоријата најдобар странски филм е поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Филмот и понатаму се прикажува во кино-салите и ја продолжува својата меѓународна дистрибуција.
