Филмот ја освои номинацијата за Audience Choice Prize, признание со особена тежина во документарниот свет. Од Cinema Eye Honors истакнуваат дека „Audience Choice Prize е често клучен претходник на идните документарни награди, вклучително и на Оскарот за најдобар документарен филм“, нагласувајќи дека ова признание е важен индикатор за потенцијалниот успех на филмот во претстојната наградна сезона.

Покрај ова, „Приказната за Силјан“ ја доби и номинацијата Outstanding Achievement in Cinematography, со која се одликува кинематограферот Jean Dakar за неговиот автентичен визуелен пристап и суптилната, но длабоко филмска естетика што го одбележува филмот.
Со ова, „Приказната за Силјан“ го зацврстува својот статус како едно од најзначајните документарни остварувања на годината. Успесите доаѓаат во момент кога филмот влегува во најкритичната фаза од глобалниот награден циклус и дополнително го засилуваат неговиот профил на меѓународната сцена. Овие признанија се силен поттик и јасна потврда за уметничкиот, продукцискиот и културниот значај на македонскиот документарен филм во светски рамки.
„Овие две признанија уште еднаш покажуваат дека културата има моќ да нè обедини, дури и во период кога земјата беше целосно зафатена со политички изборни кампањи.
Иако „Приказната за Силјан“ влезе многу подоцна во кампањата за Оскари, македонската публика масовно застана зад него и ги претекнавме филмовите и продукциите со огромна меѓународна поддршка. Ова ми потврди дека, и покрај сите разочарувања што сум ги доживеала во домашниот филмски контекст, народот знае да ја препознае и да ја поддржи вистинската вредност.

Филмот е единствениот неамерикански и неполитички во трката и сепак рамноправно им парира на сите. Тоа е доказ дека од нашето поднебје доаѓа автентичен, слободен и исклучителен квалитет, поразличен од стандардизираните формати што доминираат во светските документарни продукции.
Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех, можеме да направиме чудо.“ – изјави Тамара Котевска
National Geographic официјално ја најави американската премиера на „Приказната за Силјан“, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември во IFC Center во Њујорк, со што филмот влегува на големата американска филмска сцена.
