Десетминутен аплауз и солзи во МНТ: „Приказната за Силјан“ ја освои македонската публика

Филм што тргнува од мит, а завршува како длабоко човечка приказна за земјата, иселеништвото и љубовта што опстојува и кога сè друго се распаѓа.

Македонската премиера на Приказната за Силјан синоќа во Македонски народен театар не беше само филмска проекција, туку колективно искуство. Салата исполнета до последното место, тишината што владееше за време на филмот и десетминутниот аплауз по неговиот крај јасно покажаа дека публиката препозна нешто повеќе од уметничко дело – препозна сопствена реалност.

Филмот тргнува од митот за Силјан Штркот, но одбива да остане во безбедната зона на фолклорното и симболичното. Напротив, митот е приземјен и внесен во калта, во нивите, во напукнатите раце на земјоделците и во куќите што тивко се празнат од млади луѓе. Иселеништвото, разделените семејства, разочараноста и борбата за гол опстанок се испреплетуваат со љубовта – не како патетична емоција, туку како единствена константа што ги држи луѓето исправени.

Визуелниот јазик на филмот е силен и прецизен. Кадрите со штрковите не се само естетски впечатливи, туку носат значење. Штркот овде не е симбол од учебник, туку живо, ранливо суштество – зависно од човекот, исто како што човекот е зависен од земјата што ја обработува. Односот на Никола кон повредениот штрк, неговата грижа и истрајност и покрај сиромаштијата, се една од најемотивните линии во филмот: тивка, ненаметлива, но длабоко потресна.

„Приказната за Силјан“ функционира како повеќеслојна нарација. Слојот на земјоделците и нивната неизвесна работа, стравот дали ќе го продадат она што со мака го произвеле, се надоврзува на разочараноста на младите кои заминуваат во потрага по достоинствен живот. Особено силна е сцената со депонијата каде Никола накратко работи – простор на отпад, каде умираат штркови, но и симболично умира надежта, природата и моралот на едно општество.

Љубовта меѓу Никола и неговата сопруга е прикажана без романтизација. Таа е партнерство во преживување, заедничко носење на товарот на животот, љубов што не се докажува со зборови, туку со секојдневна истрајност и со одлуката да се остане.

По проекцијата, обраќањето на Тамара Котевска беше природен епилог на сè што публиката го почувствува. Нејзините зборови дека, без разлика каде сè била прикажувана, токму македонската премиера ѝ е најголема гордост, ја заокружија искреноста на целиот проект. Најавата дека филмот ќе се прикажува и во помалите градови дополнително ја потврди пораката: токму тие места, од кои произлегуваат ваквите приказни, заслужуваат да се видат на големото платно.

Овој филм јасно покажува зошто приказните од „скриените места“ се суштината на културата. Луѓето како Никола и неговото семејство не ѝ даваат смисла само на оваа приказна, туку и на самата потреба од раскажување. Фактот дека проектот започнал без финансиска поддршка, а дури подоцна добил средства, уште повеќе ја засилува неговата автентичност – ова е филм создаден од нужност, а не од комфор.

Како што изјави и самата Котевска „Приказната за Силјан“ не нуди лесни одговори. Таа поставува прашања и остава желба – како што беше поентирано по проекцијата – некои работи што ги видовме да се сменат засекогаш, а некои никогаш. Токму во таа желба лежи неговата најголема сила. Ова не е филм што се гледа еднаш. Ова е филм што останува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни