Филмот „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска бележи исклучителен успех на домашната кино сцена. Во изминатиот период, дистрибутерот Кино Балкан го прикажа филмот во повеќе од 15 градови низ земјава, при што се забележани рекордни бројки и по посетеност и по број на локации.
Особено се издвојува активниот пристап во дистрибуцијата, со што филмот стигна и до помали средини и културни центри кои ретко се дел од редовната кино мрежа. На тој начин, оваа силна и емотивна приказна допре до публика низ целата држава, потврдувајќи дека интересот за домашна продукција е голем кога таа е достапна.
Во наредниот период се најавуваат и организирани проекции за основни и средни училишта, со цел филмот да стане дел од образовниот процес. Ваквата пракса е вообичаена во многу европски земји и претставува важен чекор кон развој на филмската култура кај младите.
Успехот на „Приказната за Силјан“ испраќа јасна порака дека македонскиот филм заслужува поголемо присуство во кино салите и посилен институционален третман. Домашната публика покажува дека сака да гледа македонски приказни, а овој пример го потврдува тоа на најдобар можен начин.