Приходите на Боинг скокнаа за 57%, испораките на авиони највисоки од 2018 година

Американскиот авио-гигант Boeing забележа силен раст на приходите и добивка во четвртиот квартал од 2025, поттикнати од зголемени испораки на авиони и продажба на одделот за дигитални решенија.

Американскиот производител на авиони Boeing објави дека во четвртиот квартал од 2025 година остварил значителен раст на приходите, благодарение на зголемените испораки на комерцијални авиони и финализираната продажба на одделот за дигитални решенија.

Вкупните приходи во периодот од октомври до декември изнесувале 23,95 милијарди долари, што претставува раст од дури 57 проценти во споредба со истиот период во 2024 година, соопшти компанијата.

Драстично зголемени испораки и рекордна книга на нарачки

Одделот за комерцијални авиони во последниот квартал испорачал 160 авиони, наспроти само 57 авиони во истиот период една година претходно. Во моментов, Boeing има над 6.100 нарачани авиони, со вкупна вредност од рекордни 567 милијарди долари.

Во последните месеци од 2025 година компанијата нето евидентирала 336 нови нарачки, меѓу кои105 авиони од моделот 737-10, пет авиони 787-9 за Alaska Airlines и 65 авиони 777-9 за авиокомпанијата Emirates

Голема добивка по години загуби

Boeing го затвори четвртиот квартал со нето добивка од 8,2 милијарди долари, додека во истиот период во 2024 година компанијата имаше нето загуба од 3,86 милијарди долари.

Од управата појаснуваат дека резултатите ја вклучуваат и продажбата на одделот за дигитални решенија, од која биле инкасирани 9,6 милијарди долари.

Годишен раст и најмногу испорачани авиони по 2018 година

На годишно ниво, приходите на Boeing во 2025 година пораснале за 34 проценти, достигнувајќи 89,5 милијарди долари. Компанијата во текот на годината испорачала вкупно 600 комерцијални авиони, што е највисок број од 2018 година наваму.

Годината ја завршија со нето добивка од 2,2 милијарди долари, за разлика од 2024 година, кога беше забележана загуба од 11,8 милијарди долари.

„Напредок во опоравувањето“

„Во 2025 година постигнавме значаен напредок во процесот на опоравување и ги поставивме темелите за стабилно и успешно работење во годината што следи“, изјави претседателот и главен извршен директор на Boeing, Кели Ортберг.

Boeing бележеше континуирани нето загуби од 2019 година, поради кризата со моделот 737 MAX, вклучувајќи два фатални авионски падови во кои загинаа вкупно 346 лица, што силно влијаеше врз довербата, производството и финансиските резултати на компанијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни