По повод Меѓународниот ден на жената и 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, UN Women во Македонија, во соработка со Пошта на Македонија, претстави специјален пригоден поштенски жиг. Овој симболичен гест ја истакнува посветеноста на земјата кон родовата еднаквост и континуираните заложби за обезбедување еднакви можности за жените и девојчињата.
Поштенскиот жиг, кој ќе се користи ексклузивно на 8 март, е дело на талентираната дизајнерка и феминистка Нита Хаџихамза Гаши. Дизајнот прикажува крената тупаница – симбол на решителност, издржливост и барање за женските права – заедно со бројот 30, кој означува три децении напредок и континуирана акција од усвојувањето на Пекиншката платформа за акција.
– Пекиншката декларација е темел за обликување на политики што ја унапредуваат родовата еднаквост во светот и во земјава, изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.
Овој пригоден поштенски жиг, како што нагласува таа, е во чест на заложбите од одржувањето на 4-та светска конференција за жените во Пекинг до денес, и потсетник за постигнатиот напредок, но и предизвиците и потребата од сестран пристап и интервенции за надминување на бариерите, како и забрзување на напредокот кон родова еднаквост и јакнење на жените за да се остварат Целите за одржлив развој до 2030 година.
Како што се посочува во соопштението од UNWomen, иницијативата е посветена на сите жени и девојчиња, нагласувајќи ја колективната одговорност за почитување на нивните права и зајакнување на нивниот глас. Дизајнот на поштенскиот жиг визуелно ја пренесува силата на феминистичкото движење и важноста да се одржи моментумот за постигнување трансформативни промени.
-Овој поштенски жиг е вреден потсетник дека родовата еднаквост не е само женско прашање – тоа е колективна одговорност. Триесет години по Пекиншката декларација, мораме да продолжиме да ги надминуваме бариерите, да ги преобликуваме политиките и да обезбедиме секоја жена и девојче да имаат можност да напредуваат. Напредокот за жените е напредок за сите, истакна Димитар Димитровски, координатор за комуникации и знаење во UN Women Северна Македонија.
Со овој поштенски жиг им се оддава почит на оние што го трасираа патот, на оние што продолжуваат да се борат и на идните генерации што заслужуваат поправеден и поеднаков свет.
Додека светот го одбележува Меѓународниот ден на жената, оваа иницијатива поттикнува на размислување за достигнувањата во изминатите 30 години и повикува на обновена посветеност и акции за да се осигураме дека ниту една жена или девојче нема да бидат изоставени, наведуваат од UNWomen.