Транспортерите од Србија ја прекинуваат блокадата на сите терминали, дознава јавниот сервис РТС.
Протестот на возачите на камиони и блокадата на граничните премини започна пред пет дена. Товарните терминали се блокирани на 22 излези и 19 влезови во земјата. Причината за блокадите се заострените процедури за влез во Шенген зоната.
Блокадите на товарниот сообраќај на граничните премини во Србија беа поставени поради построго спроведување на правилата за дозволен престој на возачите во земјите од Европската Унија. Иако правилото не е ново, контролата беше заострена по воведувањето на новиот систем за влез во ЕУ.
Поради блокадите, на граничните премини се формираа километарски колони камиони.
Одлуката за прекин на блокадите беше донесена еден ден откако Европската комисија почна да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и да ја извршуваат својата работа без пречки.
