Превозниците не се откажуваат, најавуваат нови блокади на границите

Автопревозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора бараат возачите да добијат долгорочни визи за Шенген и да не важи правилото 90/180, а одлуката за новите протести се очекува во понеделник.

Автопревозниците од земјите од Западен Балкан најавуваат нов бран протести поради строгите правила за престој во Шенген зоната. Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се согласиле повторно да организираат заеднички акции, кои би можеле да вклучуваат блокади на граничните премини, пренесува Euronews.

Иако постои договор за нови протести, точниот датум сè уште не е утврден. Одлуката се очекува во понеделник, кога управните одбори на здруженијата на превозници од регионот ќе одржат состанок за да одлучат кога точно ќе започнат протестите.

Главното барање на превозниците останува исто – возачите на камиони да добијат долгорочни визи за престој во Шенген зоната и за нив да не се применува правилото 90/180, кое во моментот важи и за туристите.

Ситуацијата е особено проблематична за превозниците од Босна и Херцеговина. Во последниот период околу 150 возачи биле вратени од хрватската граница и добиле забрана за престој во Шенген, што предизвикало сериозни проблеми за транспортните компании. Поради тоа, дел од веќе договорените транспортни тури не можеле да се реализираат.

Во меѓувреме, од Хрватска доаѓа сигнал дека се разгледува можност за воведување специјални дозволи за возачите на камиони, кои би им овозможиле подолг престој во Шенген зоната иако не работат во компании регистрирани во Европската Унија.

„Овој пат не смееме повторно да бидеме изиграни. Без конкретни решенија остануваме на границите и нема да се повлечеме“, изјави Ѓорѓије Љешњак од Здружението на превозници на Црна Гора.

Клучен датум за превозниците е 10 април, кога треба строго да почне да се применува новиот систем за евиденција на влез и излез во Шенген. Со новиот систем граничните служби автоматски ќе проверуваат дали е надминат дозволениот број денови на престој, а доколку се утврди прекршување, на возачите веднаш може да им биде издадена забрана за влез во Шенген.

Превозниците од регионот се согласуваат дека евентуалните блокади треба да се организираат истовремено на повеќе гранични премини, со цел да се изврши притисок врз европските институции за промена на правилата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни