Под мотото „Следи ја светлината“, од вечерва до 7 август во Битола ќе се одржи 12. Интернационален детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот ќе биде отворен во 19.30 часот на новата сцена на Центарот за култура со „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов, во продукција на Театарот за деца и младинци од Скопје. Веднаш потоа, од 20.30 часот следува гостувањето на Куклениот театар од Марибор, Словенија, со претставата „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар.
Претходно во текот на денот ќе се одржи театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, со што се продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто.
На програмата до 7 август ќе бидат: „Мил Рострос“ театарот од Мексико со куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата за деца „Mирно! – статуата што го обиколи светот“ во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи и во изведба на гостите од Кипар.
Третиот фестивалски ден ќе започне со претставата-мјузиклот „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од далечниот Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир, потоа следува уште една изведба на куклената претстава „Малиот џин“.
На 12. „Битолино“ за прв пат ќе настапи група од Грција – театарската група „Хипо“, што ќе ја изведе претставата „Скитници“ на 6 август.
По долга пауза од седум години повторно ќе биде доделена наградата Гран при за најдобра претстава во целина. За наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници основачи на новото здружение на детски театри – Македонски национален центар АСИТЕЖ.
Претседател на жирито ќе биде Благој Мицевски, режисер и костимограф, а покрај него како членови на жири комисијата се: Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор. „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно е проект од национален интерес во културата за 2023 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2023 и составен дел од програмата на Битфест 2023.
– „Бабец театар“ и покрај економската и идентитетската криза во театарот ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред сé ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат нови полиња за размислување кај децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот оваа година за прв пат пријавени се повеќе од 30 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и „Битолино“ – вели Васко Мавровски, директор на ИДТФ Битолино.
Брендот „Бабец театар“ веќе 13 години опстојува како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители. На „Битолино“ прусуствувале 14.600 гледачи кои погледнале 73 претстави од 40 театри од 26 различни земји од 4 континенти.
– Ќе направами сè оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата – велат од „Битолино“.