Претставен проектот за уредување на новиот простор на НУ Џез оркестар

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска на прес конференција го претставија проектот за реновирање и уредување на новиот простор наменет за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија.

Министерката кажа дека проценетата вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), средства што ги обебзеди Министерството за култура заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Владата на седница во март донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Таа додаде дека Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет.

„Се работи за финансиски средства од ТАВ програмата, поточно за позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените инфраструктурни проекти по нашите општини“ рече Битиќи.

Тој додаде дека добро дизајнираните јавни простори, рекреативните објекти, културните центри, градинките и мостовите придонесуваат за чувството на благосостојба.

„Со ова, создаваме модерен амбиент каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Северна Македонија ќе ја постави на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика“ рече Битиќи.

Установата, како што посочи прес-службата на Владата, се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.

Оваа установа, додаваат, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.

Времената одлука , Оркестарот за џез музика да работи и да биде сместен во Македонската филхармонија до изнајдување соодветен простор,  предизвика негативна реакција кај вработените од оваа национална установа кои во повеќе наврати протестираа пред Владата и пред Министерството за култура, поради  наводно „ограничени капацитети во објектот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни