Претставен летечки носач на авиони: амбициозен кинески проект што ги надминува границите на технологијата

Кина го претстави концептот за летечки носач на авиони што би функционирал на работ од атмосферата, но експертите се скептични за неговата реализација.

Кина претстави концепт за футуристички летечки носач на авиони, кој би можел да функционира на работ од Земјината атмосфера и да користи беспилотни борбени летала. Проектот предизвика големо внимание во јавноста, но и сомнеж кај експертите, кои сметаат дека станува збор за технолошки многу сложена и моментално тешко остварлива идеја.

Според кинеските државни медиуми, носачот на авиони, наречен „Луанниао“, би можел да стане оперативен во следните две до три децении. Концептот го прикажува како огромна летечка платформа способна да носи десетици беспилотни борбени летала и да лансира ракети од височини недостапни за поголемиот дел од постојните одбранбени системи.

Експертите, сепак, предупредуваат дека технологијата потребна за ваков проект сè уште не постои. За функционирање на ваква летечка платформа би биле потребни огромни количини гориво, нов тип погонски систем и напредни материјали, што во моментов претставува сериозен технолошки предизвик. Дел од аналитичарите сметаат дека проектот има и пропагандна димензија, насочена кон зајакнување на имиџот на Кина како технолошка и воена сила.

Луанниао е дел од поширокиот кинески проект „Нантијанмен“, кој има цел да ги прошири воздушните и вселенските капацитети на земјата. Во рамки на овој проект, Пекинг инвестира во развој на нови ракети, сателити и борбени летала, со што се засилува конкуренцијата со САД во глобалната вселенска и воена трка.

Иако идејата за летечки носач на авиони звучи како сцена од научнофантастичен филм, многу експерти сметаат дека ваквите проекти имаат повеќе симболично отколку практично значење. Сепак, тие јасно покажуваат дека Кина има амбиција да ги помести границите на современата воена и вселенска технологија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни