Во Драмски театар Скопје во среда на 8 ноември во 20 часот, ќе се изведе претставата „Соѕвездија“ на режисерката Нела Витошевиќ по текст на Ник Пејн. Претставата е гостување на Театар Куманово и се реализира во рамките на соработката на театрите со цел публиката да се запознае со продукциите на повеќе национални театри.
Улогите ги толкуваат актерите: Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Владанка Крстевски и Давид Илиќ. Асистент на режија е Драгана Гунин, сценограф е Васил Христов, композитор е Огнен Анастасовски, а костимограф е Розе Трајческа.
Драматургот Зоран Зафировски истакнува: „Соѕвездија е претстава за изборот на одлуки што го дефинираат правецот на нашиот живот, за слободната волја, за улогите на случајноста и неочекуваните ситуации (што ни ги носи животот), за загубата и разделбата од најблиските.
Шест актери, ослободени од претензија за атрактивност и допадливост, постепено градат мозаик од стилски повторувања на зададена тема, кој прераснува во мошне прецизен механизам и ја развива до крај драмски софистицираната приказна за љубовта помеѓу пчеларот Роланд и физичарката (космолог) Мериен.
Тргнувајќи од основните поставки на квантната физика се преиспитуваат варијациите на љубовниот однос и можностите за негов развој во паралелни универзуми, како и феноменот на времето и паралелното постоење во таканаречениот „мултиверзум“.
Прикажани се сите етапи на нивната врска од запознавањето, радоста, лутината, осветољубието заради неверство, до фазата на соочување со болест и смрт. Секоја сцена се одвива помеѓу истите два лика, но во различен свет и со различен исход.
Некои од сцените се повторуваат и се идентични до моментот кога настаните не тргаат во друга насока. Тоа се точките во кои времето се дели на повеќе различни иднини со што се добива структура во која нелинеарноста на дејството и времето создава испрекинатост во наративот како можност (но и предуслов) за експерименталната форма и нетипична постановка“.
Премиерата на претставата „Соѕвездија“ е изведена во септември 2021 година и годинава учествуваше на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица каде имаше одличен прием кај публиката.