Претставата „Народен пратеник“ на МНТ патува за Брчко по освојувањето на Стериина награда

По големиот успех и освоената Специјална Стериина награда за колективна актерска игра на фестивалот во Нови Сад, претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, продолжува со своите регионални настапи.

Македонскиот народен театар ќе ја изведе претставата на 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.

Фестивалот, кој се одржува од 16 до 24 октомври, важи за еден од најпрестижните во регионот, а МНТ ќе настапи на 17 октомври, во втората вечер од програмата.

Годинешен селектор на фестивалот е познатиот актер и режисер Ирфан Менсур, кој по изведбата на „Народен пратеник“ во Народно позориште во Белград ја вклучи претставата во официјалната селекција, нарекувајќи ја „значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.

Режијата на Савин ја задржува суштината и духот на Нушиќ, без радикални режисерски интервенции, со фокус на колективната актерска игра и сатиричната критика на политичкиот театар, претставена интелигентно, духовито и трезвено.

Во актерската екипа настапуваат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Ова е трет настап на МНТ на фестивалот во Брчко, по претходните учества со претставите „Народен непријател“ и „Нема да биде крај на светот“, двете во режија на Нина Николиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни