Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, месецов гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора.
Првото гостување беше на 16.07 на 37. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва, кој годинава се одржува под слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во рамките на овој фестивал, кој се одржува од 5 јули до 22 август, ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност.
Вечерва на 18 јули (вторник) со почеток од 21:30 часот, на 18. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват пред црногорската публика, Македонскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Народен непријател“ “ од авторот Хенрик Ибзен
Фестивалот „Пургаторије“ е еден од најзначајните во регионот, имајќи ги предвид обемот и квалитетот на програмата, организацијата и селекциите на претставите.Во натпреварувачката програма, освен претставата на МНТ, ќе учествуваат уште 8 претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит − информираат од МНТ.
Во претставата „Народен непријател“ настапуваат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.