Претставата „Иднина“ вечерва го затвора фестивалот РУТА во Драмски театар

Со изведбата на претставата „Иднина“ вечерва со почеток во 20 часот се затвора третото издание на фестивалот РУТА во Скопје.

На сцената Ристо Стефановски во Драмски ќе се изведе претставата „Иднина“ на режисерот Жига Дивјак работена како копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште.

„Иднина“ е претстава која ја отсликува сложената мрежа на меѓусебни влијанија на се’ и сите околу нас.

Улогите ги толкуваат актери од ансамблите на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште: Бернарда Оман, Грегор Груден, Лара Волф, Изток Драбик Југ, Гегор Зорц, Лотос Шпаровец, Милена Васиќ, Јана Бјелица, Марија Пикиќ, Милан Зариќ, Стефан Старчевиќ и Милан Колак.

„Човековиот отпад, видливиот и невидливиот, патува низ огромните атмосферски слоеви и големите океански струи. Се распослал во далечините се‘ до папокот на океанот, до осамениот атол две илјади километри одалечен од најблиската цивилизација. Се акумулирал и во телото на верниот албатрос, кој стотоци и стотици километри, долги години собира храна за своите младенчиња и така отпадот завршува во утробата на младиот албатрос.

Милиони и милиони години летање над морето, неброени албатроси кои се грижеле да го зачуваат своето потомство и да го продолжат својот вид, доаѓаат во допир со човековата генијалност, материјалот стар помалку од 100 години – пластиката.  Хемикалиите, пластиката, живите суштества и нивните сродници, обврските, се релации комбинирани во комплексната мрежа на меѓусебни влијанија“ – се вели во програмската книшка за претставата.

„Иднина“ е претстава скриена во оваа мрежа на меѓусебни влијанија.

Жига Дивјак е еден од највлијателните млади словенечки режисери, кој со своите општествено ангажирани претстави ги обработува најактуелните општествени теми. Општествената ангажираност ја користел во својата работа уште како студент кога со проектот „Непосредно пред револуцијата“ (2013-2015), во кој тргнува од претпоставката дека театарот може да влијае и постепено да го трансформира општеството, го здобил вниманието на јавноста.

Во тој дух и со нов режисерски пристап создал многу значајни претстави во повеќе словенечки театри. Добитник е на две „Борштникови награди” за режија: 2017 за продукција „Човекот што го набљудуваше светот” на (СМГ) и 2021 за продукцијата „Гејм” на (СМГ и Институтот маски). За режијата во „Претставата 6” (СМГ) во 2018 година ја добил главната Борштникова награда за најдобра претстава. Жига Дивјак во 2021 година ја добил Жупанчиќевата награда за режија. А на 51-та „ Недела на словенечката драма” во Крањ ја добил специјалната награда за изведба на претставата „Гејм”. На неодамна одржаниот МЕСС – Фестивал на малите експериментални сцени во Сараево, Жига Дивјак ја доби наградата за најдобар млад режисер. 

            Драмски театар и оваа последна фестивалска вечер по изведбата на претставата ќе организира тркалезна маса на која публиката ќе има прилика да разговара со актерите за претставата и да го сублимира впечатокот од третото издание на РУТА во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни