Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица започна со пробите за новата постановка на „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски.
Како што се наведува информацијата, ова дело е длабоко врежано во театарската историја, бидејќи на 1 мај 1949 година Струмичкиот театар е отворен со премиерата на „Бегалка“ во режија на Димитар Колчаков, а на 18 јануари 1970 година претставата е поставена по втор пат во режија на Александар Думов, а годинава претстои трето поставување на ова значајно македонско драмско дело.
„Со оваа нова постановка, му оддаваме почит на минатото и го продолжуваме живото наследство на македонската драмска традиција“, се наведува во објавата на Струмичкиот театар.
Во претставата улогите ги толкуваат Стојан Велков – Трн, Анкица Бенинова, Танкица Стојанова, Јасмина Вучкова,Васка Ангелова, Михаил Велков и Игор Тодоров. Сценскиот дизајн е на Благој Мицевски, а музиката на Александар Димовски.
