„Животот на Молиер“: претстава која одбива да остари

На 13 февруари, публиката повторно ќе има можност да ја погледне оваа претстава на големата сцена во МНТ — не како носталгичен порив, туку како жив доказ дека театарот не старее кога зборува искрено

Постојат претстави, кои се играат. И постојат претстави, кои остануваат.
„Животот на Молиер“ по текст на Михаил Булгаков, во режија на Александар Поповски е редок театарски феномен во историјата на Македонскиот народен театар — претстава која 14 години опстојува без да ја изгуби внатрешната температура, мисловното јадро и беспрекорната актерска жилавост. Таа е единствената претстава од актуелниот репертоар на МНТ, која има таков континуитет, и единствената, чија премиера се случи во стариот театарски објект – Театар Центар (19 април 2012 година), каде што се играше, сè до отворањето на новиот дом на МНТ, во кој продолжи да живее — и каде што живее и денес

На 13 февруари, публиката повторно ќе има можност да ја погледне оваа претстава на големата сцена во МНТ — не како носталгичен порив, туку како жив доказ дека театарот не старее кога зборува искрено.

ПОПОВСКИ: ЛУЃЕТО ЗАД ЗАВЕСАТА

За Александар Поповски, „Животот на Молиер“ никогаш не бил биографска реконструкција, туку анатомија на театарската егзистенција. Тој самиот изјави уште во 2012 година дека оваа претстава му овозможила да се врати на суштинските прашања и да проговори за луѓето зад завесата — оние, кои го живеат театарот како судбина, а не како професија.
Поповски го чита Булгаков, не како историски текст, туку како современ манифест за ранливоста на уметникот, за неговата двојна позиција — помеѓу јавната маска и приватната тишина. Во таа режисерска визија, Молиер не е споменик, туку човек од месо и страв, од аплауз и сомнеж, човек, кој живее во постојан судир со сопствената потреба да биде виден.

РИСТАНОВСКИ: НЕПРЕТЕНЦИОЗНОСТА КАКО ЕТИКА

Во центарот на ова сценско ткиво стои Никола Ристановски — актер кој не ја „игра“ улогата на Молиер, туку ја носи како внатрешна состојба. Неговата интерпретација е далеку од актерска демонстрација, таа е фантастична траги гротеска, дисциплинирана и енергична.
Ристановски отворено се спротивставува на театарската претенциозност, верувајќи во она што самиот го нарекува „непретенциозен театарски чин“. Во неговите зборови на прес конференцијата уште во 2012 година:
„Театарот кој има амбиции да биде поважен од животот се зафркнал. Ниедно време не е посебно време и посебен контекст. Се надевам дека оваа претстава ќе биде топол театарски чин.“
Во таа реченица е содржана цела етика на глумата. Ристановски го гради Молиер како човек, кој не бара величење, туку смисла, како актер, кој знае дека сцената не е повисока од животот, туку е негова најранлива линија.

БУЛГАКОВ И МЕТАФИЗИКАТА НА ГЛУМЕЦОТ

Текстот на Булгаков е жестоко поетски и сурово искрен. Неговите зборови за глумецот како привид, како суштество, кое постои само додека некој аплаудира, добиваат застрашувачка актуелност:
„Ние не сме луѓе… ние сме привид… Ми аплаудираат, значи постојам.“
Во режијата на Поповски и интерпретацијата на Ристановски, оваа мисла не звучи како театарска романтика, туку како екзистенцијална дијагноза. „Животот на Молиер“ станува претстава за телото, кое се троши за аплауз, за љубовта кон сцената, како единствена љубовница, за желбата да се умре на сцена — не од суета, туку од припадност.

АНСАМБЛ КОЈ ДИШЕ КАКО ЕДНО ТЕЛО

Покрај Ристановски, претставата ја носи исклучително прецизен ансамбл: Сашка Димитровска, Емил Рубен,, Оливер Митковски, Марија Новак, Нина Деан, Николина Кујача,Игор Ангелов, Тамара Ристовска,Дениз Абдула и Сашко Коцев — актери кои не се „околина“, туку рамноправни носители на театарската идеја.
Сценографијата на Свен Јонке и костимите на Снежана Пешиќ-Раиќ создаваат простор во кој Молиер може истовремено да биде и тогаш и сега.

ПРЕТСТАВА ШТО НЕ БАРА ВНИМАНИЕ — ТУКУ ГО ЗАСЛУЖУВА

„Животот на Молиер“ е претстава, која одбива да се додворува на публиката, едноставно ја фрла на колена, преку режисерскиот концепт и маестралната актерска игра. Токму затоа трае 14 години. И токму затоа, на 13 февруари, не ја гледаме како реприза, туку како потврда дека вистинскиот театар, не зависи од времето, туку од вистината што ја носи.
А вистината, кога еднаш ќе се изговори искрено — не старее.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни