Репрезентацијата на Узбекистан пред неколку дена испиша историја.
Некогашната советска република, за првпат во својата историја како самостојна држава успеа да се пласира на СП, и тоа преку азиските квалификации.
Наместо класична премија, државата и претседателот Шавкат Мирзијоев се одлучија за поинава награда за фудбалерите и членовите на стручниот штаб.
По завршниот свиреж на натпреварот во Ташкент против Катар, беа донесени 40 електрични автомобили BYD на теренот, а клучевите им беа дадени на сите фудбалери и членови на стручниот тим на оваа азиска селекција.
Катанец го донираше автомобилот
За пласманот на СП 2026 голем удел има и селекторот Среќко Катанец (кој еден период ја водеше и репрезентацијата на Македонија) но поради тешка болест мораше да се повлече од селекторската улога неколку кола пред крајот.
Сепак, автомобил имаше и за него, но тој се одлучи автомобилот да го подари на човекот кој постојано бил до него односно до преведувачот во репрезентацијата.
Фудбалот уште еднаш покажа дека е повеќе од спорт.