Австралиската влада денеска ги отфрли повиците за апсење на израелскиот претседател Исак Херцог за време на неговата официјална посета на Австралија, каде што треба да им оддаде почит на жртвите од масакрот на плажата Бонди во Сиднеј.
Министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, изјави дека четиридневната посета на Херцог, која започнала пред три дена, е реализирана на покана на австралиската влада и во согласност со желбите на еврејската заедница во земјата.
„Претседателот Херцог беше поканет во Австралија за да им оддаде почит на жртвите од нападот во Бонди и да изрази поддршка на австралиската еврејска заедница по најтешкиот терористички и антисемитски напад што некогаш се случил на наша територија“, изјави Вонг.
Во нападот што се случи на 14 декември, за време на прославата на еврејскиот празник Ханука, беа убиени 15 лица, откако двајца напаѓачи отвориле оган со автоматско оружје врз присутните.
ОН со повик за апсење, најавени протести
Адвокатот за човекови права Крис Сидоти, член на Независната меѓународна истражна комисија на Обединетите нации за кршење на човековите права во Израел и на палестинските територии, јавно ја повика австралиската влада да ја повлече поканата или да го уапси Херцог доколку се наоѓа на австралиска територија.
Комисијата на ОН во 2025 година заклучи дека Израел извршил геноцид во Појасот Газа од почетокот на војната, поттикната од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во извештајот се наведува дека Херцог и други израелски лидери „поттикнувале геноцид“, што Израел остро го отфрли, оценувајќи го документот како „пристрасен и лажен“.
„Австралискиот премиер Ентони Албанизе направи грешка со поканата до Херцог“, сметаат од ОН.
Во меѓувреме, пропалестински активисти најавија протести против посетата, вклучително и во Сиднеј, каде што полицијата веќе забрани јавни собири. Австралиската федерална полиција пред три дена поднесе обвинение против 19-годишен жител на Сиднеј поради онлајн закани за убиство на странски шеф на држава, без официјално да потврди дека целта бил израелскиот претседател.
