Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ остро го осуди нападот што се случи во Подгорица, изразувајќи поддршка за повредениот граѓанин и неговото семејство истовремено повикувајќи ги надлежните органи брзо и целосно да го истражат случајот и навремено да ја информираат јавноста.
Милатовиќ апелираше за смиреност и воздржаност, велејќи дека во општеството не смее да има место за колективна вина или стигматизација на целиот народ.
„Имаме обврска да ја заштитиме безбедноста и јавниот ред на луѓето, но и социјалната кохезија. Сите јавни актери мора да внимаваат да не креваат тензии со своите пораки, додека полицијата и обвинителството се должни решително да го потиснат говорот на омраза и секаков вид закани“, изјави претседателот.
Зборувајќи за прашањето на миграцијата, Милатовиќ оцени дека на Црна Гора ѝ е потребна поодговорна имиграциска политика – цврста против злоупотребите и криминалот и фер кон сите што го почитуваат законот.
„Ова значи насочени безбедносни проверки, ефикасно санкционирање на незаконитостите и посилен надзор на злоупотребите, но и јасна порака дека луѓето кои живеат и работат во согласност со прописите се наши гости и соседи – добредојдени и безбедни“, истакна тој.
Претседателот потсети дека пред еден месец предупредил за потребата од дефинирање јасна, избалансирана и одговорна миграциска политика, додавајќи дека оттогаш немало конкретни институционални чекори.
„Денес, наместо избрзани одлуки, мора да се преземат сериозни и одржливи мерки во интерес на сите граѓани“, заклучи Милатовиќ, велејќи дека Црна Гора мора да покаже зрелост: нулта толеранција кон сторителите, доследна примена на законот за странци и смирен пристап во време кога е најлесно да се креваат тензиите“, заклучи Милатовиќ.